Европска федерација на новинари: Забраната на Раша тудеј и на Спутник не е вистинската борба против дезинформации

Овој чин на цензура може да има целосно контрапродуктивен ефект кај оние кои ги следат овие медиуми, велат од Европската федерација на новинари.

Европската федерација на новинари (ЕФН) предупредува дека забраната за емитување на руските медиуми Раша тудеј и Спутник на европска почва може да биде контрапродуктивна, откако вчера Европската Унија најави дека на руските медиуми поддржани од власта ќе им биде забрането емитување во Европа.

„Затворањето на еден медиум не ни се чини како најдобар начин за борба против дезинформации и пропаганда. Овој чин на цензура може да има целосно контрапродуктивен ефект кај оние кои ги следат овие медиуми. Подобро е според нас да се спречи дезинформацијата на пропагандистичките медиуми преку изложување на нивните погрешни факти или лошиот квалитет на нивното новинарство, преку докажување на отсуството на нивната финансиска и оперативна независност, преку укажување дека се во служба на владините интереси и дека го презираат јавниот интерес“, соопшти ЕФН.

Оттаму велат дека самиот чин на затворање на медиуми е „сериозен“.

„Да се затвори медиум е сериозен чин, кој мора да се темели на солидна законска база, избегнувајќи секаква арбитрарност. Предизвикот на демократиите е борбата против дезинформациите истовремено зачувувајќи ја слободата на изразување. За ЕФН, други стратегии треба да се поддржат: зголемена поддршка за независното новинарство, промоција на медиумскиот плурализам, промоција на медиумското образование за сите, зголемена транспарентност на оние кои ја имаат моќта“, изјави за МИА Рикардо Гутиерез, генерален секретар на организацијата.

„Ризикот од политиката на цензура се исто така последиците што може да се очекуваат во Русија, како што видовме со затворањето на Дојче веле како одговор на затворањето на Раша тудеј во Германија. Резултатот на овој чин беше осиромашување на медиумскиот плурализам во Русија. Руските граѓани таму го изгубија правото на пристап до информации емитувани од Дојче веле. Тоа е жално“, вели Гутиерез.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close