Европското фудбалско првенство во Германија едвај ќе влијае на економскиот раст, велат економистите

Европското првенство во фудбал 2024., чиј домаќин е Германија, многу малку и само на краток рок ќе го стимулира економскиот раст, а од тоа првенствено ќе има корист туризмот.

Според анализата на минхенскиот економски институт Ифо, ефектот од првенството за германската економија ќе биде дополнителна милијарда евра благодарение на странските туристи, што е приближно 0,1 отсто од економските остварувања во тековниот, втор квартал.

„Во макроекономска смисла, овој вид на големи настани има релативно мал ефект, со исклучок на туризмот“, велат експертите од Институтот.

Тие додаваат дека додека трае турнирот, германските потрошувачи веројатно ќе трошат повеќе во угостителството и малопродажбата на краток рок, но затоа ќе ги намалат трошоците во други области, така што вкупната лична потрошувачка тешко дека ќе биде засегната.

На ова, според нивните анализи, укажуваат искуствата од Светското првенство во 2006 година, кое се одржа и во Германија, кога на почетокот доаѓањата и ноќевањата на странските гости се зголемија за по 25 отсто.

Според тој модел, истражувачите на Ифо пресметале дека за време на овогодинешното првенство во Германија ќе има 600.000 странски гости и уште 1,5 милиони ноќевања, што ќе се одрази на зголемувањето на извозните услуги, односно услугите што домашните граѓани ги даваат на странците, главно во угостителскиот сектор.

„Сепак, овој ефект е краткотраен, па обемот на извозните услуги по заминувањето на туристите во третиот квартал повторно ќе опадне и веројатно ќе остане на сегашното ниво“, велат експертите од Институтот.

Вкупниот бруто домашен производ на Германија во 2023 година изнесува 4.122,21 милијарди евра.

Back to top button
Close