Фајон потврди дека осомничените за шпионажа во Словенија се членови на руската разузнавачка служба

Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон потврди дека двајцата странски државјани кои се осомничени за шпионажа и беа уапсени се агенти на руска разузнавачка служба.

„Во тек е официјална истрага. Осомничени се за дејствување против националните интереси на Република Словенија и според последните информации се членови на руска разузнавачка служба“изјави министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.

Словенечката радио-телевизија објави дека уапсените се жена и маж на 39-годишна возраст кои живееле во изнајмена куќа во Љубљана. Сопственикот на куќата во која живееле осомничените не сакал да зборува пред камерите на словенечката телевизија, но во телефонски разговор со нив рекол дека со двојката се сретнал лично и дека немал никакви проблеми со нив.

Како што претходно објави РТВ Словенија, а подоцна потврди и министерката за надворешни работи Тања Фајон, станува збор за агенти на руска разузнавачка служба. Неофицијално, РТВ Словенија дознава дека двајцата уапсени собирале општи информации за настаните во земјата, но и дека двајцата биле руски државјани и покрај нивните аргентински пасоши.

Доколку бидат прогласени за виновни, на осомничените им се закануваат вкупно осум години затвор.

Back to top button
Close