ФАНТОМОТ НА НОРМАТИВНОСТА И МАФИЈАШКАТА ДИПЛОМАТИЈА

Мислевме дека живееме во свет кој се движи кон се поголема нормативна регулација на односите меѓу државите. Тоа амбициозно се нарекуваше ‚‚меѓународно право или систем-со-правила-регулирани-односи‚‚ и сето тоа по Втората светска војна.

Тоа беше следено од сериозна институционализација, од формирање на Организацијата на Обединетите нации и нејзините агенции до серија светски и регионални организации (стотина на број владини и некаде околу 3900 меѓународни невладини организации се евидентирани во овој период).

Земјите кои не се приклучија кон овој мега – тренд беа или комплетни аутсајдери (Северна Кореја, Иран, Куба и сл.) или во случајот на САД делумно приклучени, но избегнуваа институции на наднационална судска јурисдикција.

Но системот функционираше и се движење во ,се чинеше за момент, предвидлива насока на се поголема регулација и предвидливост.

Политички, а не потесно правно, меѓународните односи се регулираа преку студено воената биполарност кон се поголема мултиполарна дипломатија со лидерство на САД и Пакс-Американа како беше нарекувана пред се либералната западна алијанса на сили кои ги одредуваа правилата.

Оваа и ваква меѓународна политичка констелација и право кое ја покривало отсекогаш трпела критики за неоколонијализам, финансиски империјализам, сурова поделба на север и југ кој се продлабочува, за себична, колонијална ‚‚глобализација‚‚ и сл.

Меѓународното право никогаш не беше вистинско “право” ниту во феноменолошка смисла ниту како се-покривачко и доследно во секој еден случај на негово прекршување. Тоа и по својата природа не може да биде такво, но носеше дополнителна иронија на трпење притисокот од силните држави, дека тие го почитуваат се додека е во нивен интерес потоа постапуваат вон него, дека е западно-културно центрично, нео-колонијално и расно одредено  во својата основа и сл. Поради сето тоа Меѓународното право некои го нарекуваа Фантом на нормативноста, од насловот на текстов .

Но, тоа и такво несовршено и често не-праведно право, фантомско право, сепак вршеше работа на: формирање кота, позиција од која можете легално да засновате критика на бесправното, насилно, однесување на државите кон другите држави и човековите права; да покренете кампања на СРАМ и засрамување на агресорите; и во најефикасни случаи, кон средните и помалите агресивни држави да спроведете и санкции до хуманитарна воена интервенција.

Тоа формираше сериозна меѓународна мировна традиција долгогодишен мировен развоен процес во големи делови на светот.

Денес возбудата е голема и високо крената на сите страни бидејќи, шокантно, пред наши очи се случува отворена виолентна промена на тој и таков систем и тоа како последица на криза на системот на демократија и владеење на правото во САД како доминирачки лидер на претходната, меѓународна, опишана состојба.

Во последните форми таа политичка трансформација на американската администрација оди од симбол на демократија и човекови права во сурова, бело-доминирачка (white suprematist) полу-автократија. Нејзината надворешна политика (наречена последно ДОНРОВА доктрина) ја пресоздава до сега светската сила во исклучително груба, квази реалистичка регионална сила. Регионот кој го смета за своја зона на влијание преку доминација (а не лидерство) е: Северна Америка, дел од Латинска Америка, Канада и Гренланд, со специјални односи (кои сè уште не се дефинирани) со Европа.

Со зборовите на нивните челници во Стратегијата за надворешната политика и во говорот пред Комисиите на Конгресот “Досегашната доктрина на светската повоена политика заснована на либерални вредности и наднационални амбиции на правото и институциите е не само фантазија (dangerous delusion) туку директно работи против интересите на САД … Како таква таа треба да се отфрли (… rules-based international order had to be jettisoned… )…Ова не води до момент , еден и единствен во нашите животи каде ние мора да се судриме со тој и таков поредок и тие и такви илузии ….(завршува говорникот пред Конгресот на САД образложувајќи ја Стратегијата). Во исто време со Извршна наредба на претседателот САД се повлекуваат од 66 организации и тела во склоп на ООН и надвор од него!

Е па фино! Антонио Грамши за ваквите ситуации вели: Стариот поредок се руши , а новиот сè ште не се раѓа. Во таквиот интерегнум сите Ѓаволи се симнуваат на земјата.

Интересно е драги мои дека во возбудената дебата која се повторува веќе помалку здодевно: дека еден систем се менува со друг, дека влегуваме повторно во систем на доминација на моќта во меѓународната политика и поделба на зони на влијание, во ладно воена ситуација и бла бла бла ….. се пропушта да се консултира всушност претходната забелешка на Грамши. Некој од ретките професори во Лондонската Ревија за Меѓународно право забележува : ….Не драги колеги, ние не влегуваме од “стариот” систем, кој со толку маки повоено сме го граделе – во нов систем! Не влегуваме од систем-во-систем. Ние не влегуваме во систем воопшто, ако го срушиме стариот ние влегуваме во транзиција на ХАОС или отсуство на било каков систем.

Нашински кажано, ќе плачете Вие за систем повеќе, нема систем, го изела Баба Јага.

Значи и тоа е важно да се забележи, со пад на досегашниот правно-политички меѓународен систем не влегуваме во нов (каков и да е тој ) туку во транзиција кој ја одбележува “законот на џунглата” или хаос. Во она што германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер го нарекува ‚‚разбојничко дувло‚ или Е.Макрон ‚‚нов колонијализам и империјализам‚‚ епохално распукнување. Таму каде посилните можат неказнето да ги окупираат послабите, да им наметнуваат услови и тоа да проаѓа без “раме за плачење” без било каква опција за праведност и право.

Во овој денешниов како и во реализмот на Тукидид кој го обожаваат нашиве возљубени чеда – реалисти, фактори за опстанок се имање моќ или ресурси.

Но, најпознатиот реалист Џон Мершемаер, опишувајки ги условите на анархија во меѓународните односи вели дека секој реализам конечно завршува во трагедија. Дека реализмот е дескрипција, а не солуција на проблемите (впрочем Втората Светска војна е токму климакс на реализмот). Крајот на трагедиите на Реализмот е секогаш и неумитно апликација на меѓународното право врз анархијата.

Познато е дека при доминација на реализмот во меѓународните односи награбусуваат малите, слаби и сиромашни држави. Каква е Македонија заклучете сами. Ние пред светот секако можеме со “надрвен идентитет во рака” да се истопориме и да ги шокираме сите за момент, пред да нè здробат.

Дипломатијата во услови на распукан свет и диво владеење на моќта, станува излишна, мрачна и манипулативна активност. На гангстерите не им треба класичното од дипломатијата на еден Метерних, Мазарин, дури и шатл дипломатијата на Холбрук. Дипломатијата станува мафијашка на нати-го-дајми-го притисоци и закани, на понуди “кои не можат да се одбијат” (од Кум 1). Пријателите одат “на тапан” а може да станат и непријатели, восхитот се чува и изразува само за исто толку бескрупулозните диктатори и автократи, персоналните крими-врски стануваат доминантни за “дипломатските” успеси и падови. Со анексијата на Гренланд НАТО би се распаднал – па што! И на тоа слични шокантни и стресни сцени стануваат секојдневие во хаосот.

Владеењето со сила и моќ бил “челичен закон на светот од неговото создавање” е “реалистичката мудрост и откривање на топла вода” на С. Милер, белиот супрематист а ..‚‚Тој кој не сака да се бори, како закон на животот .. нема право да постои … е А. Хитлер во Мојата Борба?

Реалистите од овој вид често не го дочитуваат својот Гуру Тукидид онаму каде вели дека моќта мора да има легитимитет кој не се црпи од неа самата и која моќ прераснува во Pleonexia (или како вели Велија Р. “и со моќта се претера”) тогаш кога моќта се претега преку нејзините вистински сили и капацитет да доминира, се врти против сопствениот носител и придонесува за банкрот и колапс на силните. Неограничената сила е стапица!

Но драги мои, да се вратиме на обикновените наши моронштини во надворешната политика.

Нашите сегашни владеачи нормално од сево ова НИШТО НЕ ЗНААТ, ниту прочитале ниту искусиле. Тие веднаш се изјасниле дека ‚‚апсолутно стојат зад позицијата на својот стратешки партнер”! Тоа е некаква позиција на подопашна мува кај покрупниот добиток. А го цитираат и Рубио дека не се повеќе задоволни од ‚‚либералните агенди на западот‚‚и меѓународното право и ќе фаќаат џаде некаде на друго место ?

Инаку за попросто(и) CNN ги исцрта со фломастери во боја линиите на новите зони на влијание (хемисфери на големите сили) во новата констелација на меѓународни односи која би се формирала ако преовлада хаосот на реализмот кој се заканува. Македонија и поголемиот дел на Балканот спаѓаат во дефинитивна Руска зона да немате никаква дилема. Тоа се совпаѓа со ставот дека нашиве не се задоволни од прелибералните агенди на западот и ЕУ иќе барале друго чаре. Се чини ќе го најдат чарето, но не се знае дали цела Македонија ќе ја товарат за натаму .

Не можете да не се насмеете на оваа тотална нерелевантност, на овие тотални аматери и дунстери, кои патем ке не упропастат. Дури и кога сте со намера за критика ве превладува смеата. Потоа малку и жалче ве фаќа сепак сте на иста земја државјани!

Љ. Д. Фрчкоски

 

 

 

 

Back to top button
Close