Федерален судија ја блокира наредбата на Трамп за укинување на правото на државјанство по место на раѓање
Американски федерален судија во одлука денеска го блокираше обидот на администрацијата на Доналд Трамп до го укине правото за добивање државјанство по место на раѓање на деца на недокументирани имигранти и странски посетители.
Одлуката на окружниот судија на САД, Џон К. Кафенар, е на национално ниво и со важност од две недели. Тоа е одговор на тужба поднесена од четири сојузни држави — Вашингтон, Аризона, Илиноис и Орегон — според која извршната уредба на Белата куќа, потпишана од претседателот Трамп во понеделникот, е неуставна.
Уште 18 држави заедно со Вашингтон, округ Колумбија, поднесоа слична тужба во Масачусетс, плус најмалку три различни организации за граѓански права водат свои правни постапки. Сите овие сојузни држави се водени од демократски гувернери.
Судските постапки ја оспоруваат извршната наредба на Трамп, за која претседателот изјави дека се надева да стапи во сила кон средината на февруари. Повеќе јавни обвинители ја оспоруваат одлуката на, а во поднесените тужби се вели дека во САД годишно се раѓаат 153.000 деца од двајца родители кои немаат документи за легален престој. Администрацијата на Трамп се надева дека укинувањето на правото може да ја обесхрабри нелегалната имиграција во САД.
Извршната наредба на Трамп предвидува неговата администрација повеќе да не признава државјанство по автоматизам на оние деца родени на американско тло од родители имигранти кои во земјата дошле нелегално, односно ниту еден од родителите не е државјанин на САД или поседува легален престој (зелена карта).
Исто така, уредбата на Трамп оневозможува добивање на државјанство по автоматизам на децата родени од родители кои во земјата дошле со привремени работни, студентски или туристички визи.
Правото на добивање државјанство по место на раѓање е утврдено со 14-тиот амандман на Уставот на САД и е усвоено од Конгресот во 1868 година. Во него е вклучена клаузула која гласи: „Сите лица кои се родени или натурализирани (оние кои легално станале државјани но не се родени) во Соединетите Американски Држави, и кои се предмет на нивна надлежност, се државјани на Соединетите Американски Држави и на државата во која живеат.“