Филипче денеска со конкретен предлог за лидерска

Лидерот на СДСМ за денеска најави дека ќе излезе со конкретен предлог за она што би се разговарало на лидерската средба, додека од ВМРО-ДПМНЕ вчера излегоа со став дека нема потреба од нова лидерска средба која ја гледаат како обид на претседателот на СДСМ да го крене сопствениот рејтинг.
За денеска во 11 часот е закажана седница на Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава Филипче, а на дневен ред е Статусот на реализација на Реформската агенда на Република Северна Македонија (2024-2027).
Филипче во саботата во изјава за медиумите дадена во Охрид рече дека партијата е подготвена да работи заеднички со останатите чинители за доброто и напредокот на државата и дека мора да се откочи евроинтегративниот процес за да може младите да останат во државата и да се работи на унапредување во многу области за да се подобри животот на граѓаните.
– Веќе во понеделник ќе дадам конкретен предлог за што треба лидерите на најголемите политички партии да разговараат, затоа што јасни се пораките од ЕУ. Додека чекаме и не правиме ништо е губење време. Младите тоа го гледаат единствено како стимул за иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа иднината тука во Македонија ако ние не го откочиме тој евроинтегративен пат, заеднички да работиме на унапредување во многу сфери што ќе го направи животот и подобар и поквалитетен, рече лидерот на СДСМ.
Заменик – претседателот за добро владеење Арбен Фетаи кој е дел од коалицијата „ВРЕДИ“, вчера на прес-конференција рече дека немаат добиено покана за лидерска, но ако добијат, ќе ја разгледаат.
– Средбите на лидерско ниво се традиција во нашата земја. Се случија за време на владеењето на Груевски, за време на владеењето на Заев и за време на владеењето на Ковачевски. Уште една средба се одржа и за време на оваа владеење. Јас лично сè уште не сум добил покана. Доколку има таква покана, треба да ја разгледаме. Но, јас го гледам ова на ниво на рамки на нормалата за креирање политики во нашата земја. Албанските партии се состануваат на ниво на лидери кои соработуваат едни со други. Истото го прават и македонските партии. Ќе видиме, рече Фетаи.
Премиерот Христијан Мицкоски во саботата на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители во Охрид повика на единство, порачувајќи дека „не сме премногу да се двоиме и не сме пресилни за да се разединуваме“.
– Замислете позиција каде ќе бидеме единствени, едногласни за најважните прашања, нешто што реално не случило овие 30 години. Замислете позиција каде нема да се делиме пред надворешните фактори, нема да паѓаме во нивните очи преку математиката на броење на прозападни и происточни крвна зрнца, каде ќе ги искористуваме сите шанси кои ни ги дава историјата за приклучок кон големите процеси на европско и светско ниво. Замислете позиција каде власта и опозицијата ќе делуваат единствено, нема да имаме внатрешни процепи, каде секој политички чинител, своите слабости и не поддршка од народот нема да ја надополнува преку попустливост пред меѓународниот фактор. Притоа морам да кажам дека судбината и шансата на малите народи е да се пронајде на мудар начин во интересите на големите играчи на политичката сцена. Тоа е единствениот начин на кој можеме да опстоиме. И ова добро мора да го запаметат и оние од опозицијата кога го напаѓаат договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство – па кажуваат дека долгот ќе се зголемел поради инвестициите, па лагата дека мигранти ќе се носеле, само за да издејствуваат некој политички поен за себе. Едноставно, и во историска и во секоја друга смисла не вреди таквата реторика, и се прави штета на државата, подвлече Мицкоски.
Филипче и Мицкоски имаат средба минатиот месец кога се договорија да се формираат работни групи кои ќе работат на усвојување на реформската агенда и законите во делот на правосудството, енергетиката и здравството.