Филипче: Директорот на АНБ има лажен сертификат од Бугарија, тоа да не е причината за овој договор?
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју во Дневникот на МРТ 1, отвори сериозни прашања за одговорноста на институциите и сомнежите за договор зад очите на јавноста, поврзани со случајот со Ива Михаилова.
Филипче потсети на случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски, и неговиот спорен сертификат за познавање англиски јазик од Бугарија, и го отвори прашањето дали токму тоа е причината за ваквите договори.
-Бараме Бугарија да направи екстрадиција. И тоа е најмалку што Бугарија треба и може да направи во корист на добрососедските односи. Но, зошто и како се сомневаме и што е тоа што знаеме во однос на можен договор под масата. Да потсетам на лажниот сертификат што директорот на АНБ, Бојан Христовски, го има од Бугарија. Да не е тоа причината зошто сега има вакви договори?, рече Филипче.
Тој додаде дека одговорност мора да има и во Агенцијата за национална безбедност и во Министерството за внатрешни работи, особено кога станува збор за контролата на границите и околностите под кои Ива Михаилова ја напуштила државата.
-Затоа што АНБ треба да има одговорност, затоа што МВР треба да има одговорност. А како ние можеме да бидеме сигурни дека сега нема некој таков договор, кога директорот на АНБ има фалсификуван сертификат за англиски јазик од Бугарија?Нема што друго да е освен договор, затоа што нема објаснување како некој може така да помине граница. И адвокатот и самата Ива кажаа дека ја поминале границата најлегално, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче посочи дека јавноста има право да добие одговори за постапувањето на надлежните институции и побара одговорност за случајот, посочувајќи дека сомнежите за договори зад затворени врати мора да бидат расчистени.
-Вчера министерот за внатрешни работи би рекол скандалозно изјавува дека нашата граница е практично швајцарско сирење. Ама тоа не треба он да го изјави, тоа се гледаме сите секојдневно. Се сеќавате на скандалите на границата со Косово, како поминуваше Африм Гаши, како избега Артен Груби, како се врати..Во контекст на договорите, го пречека практично со црвен килим. Да не го заборавиме случајот со пожарот во Кочани, се обиде да ги заштити дел од полицајците кои што таму работеа, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче






