Филипче: Ќе предложиме интервентен откуп на пиперката по 30 денари и обештетување за уништениот род

„Ние сме подготвени да поднесеме предлог-закон во Собранието, за да им се помогне на земјоделците, во овие тешки времиња. Земјоделците бараат помош, бараат решение и бараат некој да ги слушне, но оваа власт упорно ги игнорира и ги остава сами да се справуваат со проблемите со кои се соочуваат“, вели лидерот на опозициската партија

Пратеничката група на Социјалдемократски сојуз (СДСМ) ќе предложи мерки за финансиска помош на земјоделците, најави денеска лидерот на партијата, Венко Филипче на средбите со земјоделците во селата Обршани и Дебреште.

Најави предлог-мерка за интервентен откуп на неоткупената црвена пиперка по загарантирана цена од 30 денари за килограм, како и обештетување за земјоделците чиј род е уништен поради тоа што не бил откупен навреме.

„Земјоделците бараат помош, бараат решение и бараат некој да ги слушне. Власта им ги игнорира проблемите“,посочил Филипче.

На средбата во Обршани, земјоделците, како што се вели во партиското соопштение, се пожалиле на проблеми со откупот на црвената пиперка и на ниската откупна цена. Од партијата наведуваат дека дел од пиперката скапува, додека откупот се врши по цена од 17 денари за килограм.

„Ќе поднесеме предлог-мерка за интервентен откуп и загарантирана соодветна цена од 30 денари за килограм за тие количини црвена пиперка што не се откупени, а за тие земјоделци на кои што пиперката поради тоа што нема откуп веќе им е скапана и уништена, да се обезбеди обештетување“рече тој.

Во Дебреште, Филипче разговарал со земјоделци за штетите од летното невреме, при што, според СДСМ, тутунопроизводителите во селото претрпеле целосна штета на насадите.

Како погодени од невремето се посочени и земјоделците од Заполжани, Новоселани, Ропотово и дел од Пешталево.

Филипче најави дека пратеничката група на СДСМ во Собранието ќе поднесе предлог-мерки за финансиска помош на погодените земјоделци.

Тој оцени дека земјоделците во различни сектори се соочуваат со проблеми со откупот, ниски откупни цени и, како што наведе, намалени или неисплатени субвенции.

„Ние сме подготвени да поднесеме предлог-закон во Собранието, за да им се помогне на земјоделците, во овие тешки времиња. Земјоделците бараат помош, бараат решение и бараат некој да ги слушне, но оваа власт упорно ги игнорира и ги остава сами да се справуваат со проблемите со кои се соочуваат“,кажа тој.

Според него, земјоделците од цела држава се соочуваат со исти проблеми, како немање откуп, понижувачки откупни цени, намалени и неисплатени субвенции.

„Лозарите не зборуваат за откупни цени. Зборуваат дека не им го откупуваат воопшто. Скапува грозјето на нива. Млекопроизводителите не зборуваат откупната цена веќе иако е мизерна, туку скапува, нема кој да го земе. Пченката, ланската, уште не е откупена. Раноградинарските култури, огромен процент пропаднаа. Сега истиот проблем ќе имаме со тутунот. Зашто? Затоа што оваа власт сè што вети се излажа. Да ја посетам 160 денари ветуваше за тутунот. Воведоа класи за да ја намалат цената. Ние целиот тутун го исплаќавме прва класа“додаде Филипче.

Филипче истакна дека СДСМ и во опозиција предложил интервентни мерки за помош на земјоделците, но, како што тврди, предлозите биле одбиени од власта.

„Лани, колку за илустрација, дадовме предлог да има 3 денари за откупено грозје. Го одбија законот. Им го земаа по мизерни цени. И секоја година е сè полошо. Лани за мизерни цени откупуваа, сега не го откупуваат. Млекопроизводителите ми велат знаеме дека до година ќе биде уште полошо, затоа што овие што произведуваат млечни производи имаат купено млеко во прав од странство и велат ние сега знаеме дека до година ништо нема да биде. Ќе биде дебакал. Цел сектор ќе пропадне“,кажа лидерот на СДСМ.

Back to top button
Close