Филипче најави протести, ако не помине резолуцијата против примање на мигранти

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче денеска на прес-конференција најавува протести доколку во Собранието не помине резолуција против примање на мигранти која неговата партија планира да ја поднесе наскоро.
Филипче рече дека по онлајн петицијата која ја објави неговата партија, следен чекор ќе биде предлог резолуција во Собранието со која пратениците ќе потврдат дека Македонија нема да прима мигранти.
Доколку мнозинството не даде поддршка на ваквата резолуција, тој најави дека ќе повика на масовни протести.
„Од Собранието ќе бараме да се изгласа резолуција за ова да го запреме. Ако не се прифати резолуцијата, еден од начините да се бориме е да повикаме на голем народен протест, силни обединети против носење на мигранти во Македонија. Од наши извори во Британија веќе знаеме дека Владата дала веќе потврда за ова да се случува. Ќе подготвиме резолуција со Собрание, а следниот чекор ќе биде да излеземе на протести“ рече меѓу другото Филипче.






