Филипче на Националниот совет за ЕУ: Забрзувањето на реформите е клучно, сите да дадат придонес за отворање на првиот кластер
Забрзувањето на реформите во клучните области е неопходно за напредокот на државата, сите треба да дадат придонес за отворање на првиот кластер, порача претседателот на СДСМ и претседавач на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, д-р Венко Филипче, на денешената седница на советот.
Во своето обраќање Филипче најави дека во следниот период ќе има почести седници на Националниот совет за евроинтеграции.
„Ќе бидеме на некој начин и контрола и поддршка на Владата во остварувањето на работите којшто се пред нас, пред сè во делот на реформската агенда. Добро е да се одржува консензусот за членство во Европската унија. Сметам дека претставници на сите денес присутни политички и економски субјекти ќе дадат свој придонес во работата, поддршка на Владата во остварување на овој процес со цел навистина да се забрза процесот и дека во овој состав на Собранието и во овој мандат ќе се отвори првиот кластер”, рече Филипче, додавајќи дека со заедничка работа на ова ниво дополнително и јавноста и граѓаните ќе се информираат за тоа како ќе се остваруваат чекорите во реформската агенда, додаде Филипче.
На седницата претседателот Филипче ги потенцираше следните приоритети:
Кластер 1: Фундаментални вредности
• Потребна е зајакната меѓупартиска соработка и отчетност на администрацијата, со цел да се подобри контролата врз нејзината работа.
• Борбата против корупцијата мора да биде приоритет, со поддршка за професионалната и независна работа на Државната комисија за спречување на корупцијата.
• Измените на Кривичниот законик од септември 2023 година мора да се ревидираат, со цел усогласување со правото на ЕУ и зајакнување на борбата против корупцијата.
Кластер 2: Внатрешен пазар
• Потребно е целосно усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ, особено во делот на заемно признавање на професионалните квалификации.
• Инвестиции во човечки ресурси и финансирање на здравствениот сектор се од клучно значење.
Кластер 3: Конкурентност и инклузивен раст
• Усогласување на националното законодавство со кодексот за електронски комуникации на ЕУ.
• Поддршка за малите и средни претпријатија и зголемување на нивната извозна подготвеност.
• Обезбедување подобар пристап до образование, особено за ранливите категории.
Кластер 4: Зелена агенда и одржлива поврзаност
• Забрзување на транзицијата кон зелена енергија и намалување на зависноста од јаглен и гас.
• Подобрување на граничните железнички премини и завршување на железничкиот Коридор 8.
Кластер 5: Ресурси, земјоделство и кохезија
• Донесување на правна рамка за усогласување со ЕУ во земјоделството и обезбедување стабилно спроведување на програмата ИПАРД 3.
• Зајакнување на капацитетите за управување со фондовите на ЕУ.
Кластер 6: Надворешни односи
• Продолжување со усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
• Спроведување на протоколите од ЦЕФТА и зајакнување на законодавството за контролирање на малото и лесното оружје.
Инаку, денешната седница се одржа заради презентација на Извештајот на Европската Комисија за Република Северна Македонија за 2024 година.
„Секој од нас има одговорност да придонесе кон овие напори. Овие предизвици бараат зајакнување на институциите и системите, за да станеме што покомпатибилни со законодавството и практиките на Европската Унија,” заклучи претседателот Филипче