Филипче: Ние немаме работа со Бугарија, туку со Европа – треба да испорачаме европско барање

Клучната работа е што ние немаме работа со Бугарија, имаме работа со Европа и треба да исполниме европски барања, да исполниме договори што ги изгласале сите земји членки на ЕУ, секако вклучувајќи ја и Бугарија. Ова на прес-конференција денеска го изјави лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, повторно обвинувајќи ја власта за неспроведување на уставните измени и за блокада на европскиот пат на земјава.

„Ние немаме работа со Бугарија, туку со Европа. Треба да исполниме европски барања, да исполниме договори што ги изгласале сите земји членки на ЕУ, секако вклучувајќи ја и Бугарија. Што имаме ние посебно да разговараме со Румен Радев кога станува збор за нашиот европски пат – ништо. Но, заедно со сите други европски лидери – да“, рече Филипче.

Опозицискиот лидер го обвини премиерот дека лаже кога вели дека македонскиот јазик и идентитет се загрозени.

„Дечкото е лажго, премиерот лаже. Прво, кажуваше дека со владата на Зоран Заев нема да добиеме датум за преговори, па добивме. Кажуваше дека јазикот е загрозен со Преспанскиот договор, дека имало некакви фусноти и така натаму, што излезе дека е лага. Лажеше и дека ќе го поништи и не го признава Преспанскиот договор, за после тоа да каже дека тоа е ремек дело на дипломатијата. Потоа, дека ќе го поништува договорот со Бугарија“, рече Филипче.

Во врска со јазикот, додаде Филипче, пред повеќе години постоеше декларација во бугарскиот парламент за непризнавање на македонскиот јазик, што беше сериозен проблем. Но, како што вели, потоа се усвои Францускиот предлог во кој јасно стои дека македонскиот јазик го признаваат сите земји членки на Европската Унија.

„Со тоа што бугарскиот парламент ја усвои преговарачката рамка за нас, исто како сите земји членки на Унијата, каде што стои чист македонски јазик, паѓа во вода и таа лага на премиерот дека македонскиот јазик е загрозен. Сè е лага што кажува овој човек само за да се одржи на власт“, додаде претседателот на СДСМ на денешната прес-конференција.

Извор: 360stepeni.mk 

Back to top button
Close