Филипче: Се надевам дека ќе нема потреба да носиме пациенти во странство, но се подготвуваме и за такво сценарио

Венко Филипче, министерот за здраство, денеска се обрати на медиуите од Струмица. Тој најави дека за неколку дена ќе биде ставено во функција новото крило на болницата во овој град. Исто така најави и зголемување на бројот на тестирање во овој град, кој е ограничен со 30 тестирања на дневно ниво.

Околу ситуацијата со коронавирусот, истакна дека има голем притисок од пациенти по најновиот бран на Ковид-19, и дека се сака да се избегне сценарио на полнење на болничките капацитети. Уште еднаш апелираше на почитување на мерките.

„Притисокот е навистина голем. Искрено се надевам дека мерките кои ги препорачавме ќе придонесат да се намали трансмисијата на вирусот. Гледаме што се случува во целиот регион, цела Европа, се преполнуваат болничките капацитети, а тоа е нешто што сите земји сакаме да го избегнеме. Овие мерки што се на сега на сила имаат за цел да имитираат некаков облик на полициски час, значи лимитирање на бројот на конакти, носење маски, избегнување на групирање – рече Филипче, додавајќи дека е можно новиот бран да доведе до ситуација кога и друг кадар ќе се бори со пациенти со Ковид-19.

Тој се надева дека ќе нема потреба да се носат пациенти во странство, но, како што кажа, се подготвува и такво сценарио.

„Можно е да се соочиме со ситуација кога и друг кадар ќе работи само со пациенти со ковид-19. Гледате дека се носат пациенти од една во друга земја на лекување, се надевам дека нема да се случи такво сценарио, но и за такви моменти се спремаме“, вели Филипче.

На барањата на ВМРО-ДПМНЕ да поднесе оставка, Филипче одговори дека нема намера на такво нешто, и порача на опозицијата да ја тргне политиката настрана.

„Имаа шанса да помогнат, но одмогнаа кога требаше да се потпише заемот. Сега сите ковид центри ни доцнат поради тоа“, рече Филипче.

Back to top button
Close