Филипче: Сестринската ПЕС на СДСМ најави поддршка за резолуцијата за Македонија во ЕП
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека на сопствена иницијатива разговарал со секретарот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), во чие семејство припаѓа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Во фокус на разговорот со секретарот на ПЕС, Џакомо Филибек, кој, како што најави Филипче, ќе продолжи и денеска, била резолуцијата во која се потврдуваат македонскиот идентитет и јазик, а која е најавено дека ќе се најде пред пратениците во Европскиот парламент на 4 јуни.
Ова следува откако премиерот Христијан Мицкоски пред два дена ги повика партиите во земјава да лобираат кај своите сестрински партии кои се дел од Европарламентот со цел усвојување на резолуцијата.
Во одговор на новинарско прашање дали ПЕС најавува поддршка за резолуцијата со која се признаваат македонскиот јазик и идентитет, Филипче вели:„Да, апсолутно ќе има поддршка, но како што кажав детали ќе разговараме денеска. Ги продолжуваме разговорите, да видиме кои се тие конкретни чекори коишто треба да ги направиме, да разговараме со европратениците кои припаѓаат во нашето семејство на демократи и социјалисти.“
Претседателот на СДСМ прашува дали доколку резолуцијата биде прифатена, тоа би било доволна форма на гаранција за премиерот Мицкоски за да се започне процесот на уставни измени.
„Постои впечаток дека владата секогаш има некакви принципи и црвени линии, меѓутоа, ако тие не важат, имаат и други. На почетокот беше одолженото дејство на уставните измени, понатаму беа пресудите во Стразбур, еве сега декларација во Европскиот парламент. Значи, клучното прашање е што е тоа што е доволно“вели Филипче.
Оцени дека владата на СДСМ направила доволно за заштита на јазикот и идентитетот, а доказ за тоа, како што рече, е што македонскиот јазик е официјално прифатен во ЕУ, без ѕвездички или фусноти.
„Но еве, ќе бидеме апсолутно конструктивни, затоа што сметам дека тоа е и добро и правилно, поради тоа што треба конечно да го откочиме овој блокиран процес“,додаде лидерот на СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика сите политички партии во државата да почнат да лобираат кај своите сестрински партии кои се дел од Европскиот парламент со цел усвојување на резолуцијата во која се потврдуваат македонскиот идентитет и јазик, а која ќе се најде пред европратениците на 4 јуни