Филипче со остри тонови за врската Груевски – ВМРО – Силјановска

Одговарајќи на новинарско прашање лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска порача дека очигледно ВМРО-ДПМНЕ се уште е контролирано од Никола Груевски.

 

Тој овој став го темели на сличноста на изјавите и нивниот тајмниг на претседателката Гордана Силјановска Давкова и поранешниот премиер Никола Груевски.

 

„Не може да си дозволи претседателка на државата, која пред само година ипол доби половина милион гласови, да каже дека ова не е време за реформи. Неколку дена пред тоа Никола Груевски од Будимпешта напиша пост во кој зборуваше дека Европа е во време на војни. Се повеќе ќе станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ го контролира Никола Груевски од Будимпешта. И тие се само извршители на неговите политики и ништо друго,“ рече Филипче.

 

За потсетување, Давкова на седницата на Националниот совет за евроинтеграции рече дека сега, можеби не е време за реформи.

 

„Ова не е време за реформи, за жал, бидејќи времето наликува на време за време на војна, или пред војна, и тоа не е време кога можат да се прават реформи“ рече претседателката.

 

Таквата изјава на Давкова доаѓа само ден по опширното писание на Груевски „Тапаните на војната чукаат во Европа“ каде екс премиерот објаснува дека голем дел од европските држави се подготвувале за војна.

 

Лидерот на СДСМ, Филипче, е првиот и засега единствен кој се огласи на овие тврдења на претседателката на државата.

 

Сите други, вклучувајќи го и премиерот, министрите и пратеничките групи, кои се задолжени за спроведување на реформите до овој момент се без коментар за ставовите на Давкова кои можеби се инспирирани од Груевски.

 

Филипче, со денешниот одговор кон Давкова упати и своевидно прашање до ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали партијата се уште е контролирана од Никола Груевски.

 

Во периодот што доаѓа, особено расправата за Буџетот за 2026, како и Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде интересно да се следи дали Филипче ќе продолжи со реториката на антигруевизам, но и дали Мицкоски ќе успее да докаже дека тој е независен од Груевски во водењето на партијата

Back to top button
Close