Филипче: Владата е незаинтересирана за стандардот на граѓаните и работниците

Зголемувањето на БДП се должи на зголемената внатрешна побарувачка, особено во градежните активности поврзани со Коридорите 8 и 10 и ништо повеќе, оцени вечерва претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче.

– Сè друго стагнира. Капиталните инвестиции исто така стагнираат – во првите два месеци од годинава реализацијата е само 2 процети, за разлика од 12 проценти во истиот период од 2024 година. Имаме сериозен проблем со иселувањето на младата работна сила, извозот се намалува, а компаниите во економските зони отпуштаат работници, рече Филипче во интервју за ТВ Канал 5.

Според него, сите економски параметри се намалуваат, а растот на инвестициите, како што наведува, со кој се фали власта е резултат на позитивните политики на Владата предводена од СДСМ.

– Тоа се инвестиции кои биле проектирани и започнати за време на нашата Влада. Какви инвестиции ќе донесе оваа Влада, ќе видиме дури во втората половина на оваа година, бидејќи најмалку толку време е потребно за да се подготви инвестициски проект, рече Филипче.

Оцени дека е несериозен ставот на Владата дека зголемувањето на платите треба да биде предмет на договор меѓу работодавачите и работниците и истакна дека со што директно се нарушува принципот на функционирање на Економско-социјалниот совет.

Нагласи дека Владата е незаинтересирана за стандардот на граѓаните и работниците.

– Нема 50 милиони евра за плати, а има 500 милиони евра за тротоари и фонтани. Ако навистина економијата оди добро, зошто премиерот не ги зголемува платите, туку вели дека нема пари? Очигледно нешто не е како што треба. Храната поскапе за 20 проценти, струјата за 30 проценти, парното за 5 проценти, а трошоците за живот се зголемени за 5 проценти. Ако тоа не бара инвестирање во платите, што друго бара?, рече Филипче.

Високите сметки за струја, рече тој, не се поради лошото читање туку поради лошото менаџирање.

-Наводно било читањето во сметките. Па во управниот одбор на ЕВН владин претставник е член на ВМРО-ДПМНЕ Гиевски висок функционер. Во ЕВН ХОМЕ тој што ги пресметува сметките е син на поранешен градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ Митревски и сега ВМРО-ДПМНЕ ќе каже немаме ние врска со тоа. Не, купуваат струја на пазарот затоа што нема доволно производство, а луѓето и граѓаните во услови кога цената на меѓународниот пазар на берзата е 110-120 евра за мегават час наспроти 550-те во наше време за време на енергетската криза, плаќаат 30 проценти поголеми сметки за струја. Кој криминал е тука, пак ќе кажам сите коишто си истражуваат пак да си истражат до крај, рече Филипче.

Back to top button
Close