Филипче за 25 години од Охридскиот договор: Соживот, а не поделби и омраза

По повод 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, порача дека договорот е темел на мирот, соживотот и демократската иднина на државата. Филипче нагласи дека Македонија е заеднички дом на сите граѓани и дека различностите треба да бидат наша сила, а не алатка за политички поделби и ширење омраза, но денес, наместо да се негуваат вредностите на мирот, дијалогот и меѓусебното почитување, власта на Мицкоски повторно ги разгорува поделбите и создава атмосфера на страв и омраза, стои во соопштението на СДСМ.

„Денеска одбележуваме 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на вооружениот конфликт во 2001 година и се потврди територијалниот интегритет и демократската иднина на Македонија.

Токму најголемата сила на нашата држава е во тоа што е заеднички дом на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други наши граѓани. Различностите се дел од нашето општество и наша обврска е да ги негуваме како вредност, а не да ги користиме за политички поделби.

Охридскиот рамковен договор е потсетник дека мирот, дијалогот и компромисот се секогаш посилни од конфликтот, поделбите и омразата. По 25 години, сите имаме должност да ја градиме иднината на Македонија низ соживот, еднаквост и меѓусебно почитување – а не со поделби, навреди и омраза.

Но токму во овие денови го гледаме спротивното. Криминалната група ВМРО и Мицкоски ја водат класичната кампања на Ванчо Михајлов – кампања за ширење омраза и поделби. Народот го нарекуваат „талог“.

Ги делат граѓаните. Создаваат непријател. Сеат страв. Додека зборуваат за мир и соживот, во пракса прават сè за да го уништат. Македонија заслужува да биде просперитетна, интегрирана држава – дел од Европа, каде секој граѓанин ќе се чувствува сигурен во сопствената земја. Не со поделби. Не со омраза. Не со етикети како „талог“. Со вистина, со правда и со достоинство“, посочи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.

Back to top button
Close