Филипче за 360 – Со кого ќе трча СДСМ на локалните во Струмица и Скопје

По потврдените кандидатури на Горан Герасимовски за Центар и Томе Христоски за Крушево, раководството на СДСМ ги чека предлозите од другите општински организации низ државата за да ја комплетира листата на кандидатите за локалните избори наесен.

Партискиот лидер Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, потврди дека потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, поднела кандидатура за градоначалник на Град Скопје, но и дека истовремено се разговара со други претенденти, меѓу кои и независни кандидати. Разговарано е и со архитектот Мишко Ралев, но партијата сè уште е далеку од одлука, вели Филипче.

Во Крива Паланка, пак, извесно е дека поддршка за уште една изборна трка ќе добие актуелниот градоначалник Сашко Митовски.

Сите актуелни градоначалници, иницијално, ја имаат поддршката за уште една кандидатура, вели лидерот на СДСМ и додава дека тие добро ја вршат својата работа, иако трпат притисоци од институциите на централната власт. Тој додава дека партијата е подготвена да поддржи и независни кандидати, кои ги делат вредностите на социјалдемократите.

Во врска со информациите за проблеми со единството во општинската организација во Струмица, како и прашањето дали Коста Костадинов ќе добие шанса за трка за втор мандат, Филипче одговара дека постапката за избор на кандидат за Струмица не е завршена.

Филипче: Сега, кога се приближуваат избори, секогаш на површина излегуваат различни амбиции, желби итн. Главната улога ја имаат членовите и анкетите, и тоа е ексклузивно, бидејќи ние ги носиме одлуките.

360°: А што ако анкетите и мислењата на членовите се разликуваат?

Филипче: Не, во најголем дел од општините, еве досега во сите, тоа се совпаѓа. Така што, сметам дека тоа е еден реален процес.

360°: Ќе биде ли Коста Костадинов повторно кандидат?

Филипче: Еве нека завршат сите овие постапки и ќе соопштиме јавно кој ќе биде кандидат за градоначалник во Струмица.

Филипче не сакаше да прогнозира колку градоначалници и советниците би добил СДСМ на претстојните локални избори. Тоа ќе кажат граѓаните, вели тој и додава дека партијата се консолидира.

На прашањето дали по евентуален лош изборен резултат може да се отвори прашањето за доверба на лидерот, Филипче вели:

„Точно е дека консолидацијата е започната, дали е до тој степен стигната до којшто сакаме да биде, имаме уште многу работа дотаму. Меѓутоа, јас пред нецели два месеца бев избран за претседател на партијата во нов четиригодишен мандат и апсолутно тој е мандатот што јас ќе го завршам. Дали ќе се кандидирам понатаму за уште еден мандат – рано е за тоа“.

Back to top button
Close