Филипче за боледувањата: Така е кога ќе ставите фискултурец за директор на ФЗО
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги критикуваше најавените измени на правилникот за боледувањата, оценувајќи дека со нив не се решаваат аномалиите и можните злоупотреби во системот, туку се воведуваат дополнителни механизми за контрола на граѓаните.

Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека е оправдано да се контролираат и санкционираат евентуалните злоупотреби на боледувањата, но смета дека предложените решенија не се соодветен начин за тоа.
„Една работа е да се контролираат малформациите во системот и да се санкционираат злоупотребите, ама овие измени што се носат немаат никаква врска. Боледувањето не е домашен притвор. Што ќе проверува полицијата, дали сте ја земале терапијата? Така е кога ќе ставите фискултурец за директор на Фондот“, изјави Филипче.
Предложените измени предвидуваат избраниот лекар, врз основа на медицинска проценка, да може да отвори боледување до пет дена без примена на утврдените критериуми, наместо досегашните седум. Предвидени се и дополнителни механизми за контрола, меѓу кои можност за контрола кај осигуреникот во текот на боледувањето и заеднички контроли со други надлежни институции.
Филипче го оспори образложението за намалување на периодот од седум на пет дена и побара да се објасни врз основа на кои критериуми е предложена ваквата промена. Според него, времетраењето на боледувањето треба да се определува врз основа на медицински критериуми, а не произволно.
„Има зошто боледувањето е седум дена, има критериуми како тоа се одредува. Како тоа нему му текнало од седум на пет дена? Врз основа на што? Уште полиција ќе праќа дома да проверува дали сте дома“, рече Филипче.
Тој оцени дека најавените мерки го ставаат фокусот на контролата на пациентите, наместо на, како што рече, посериозните проблеми во здравствениот систем.
Филипче во својата реакција посочи на недостигот на лекови, долгите листи на чекање и условите за лекување, а изнесе и обвинувања за корупција и влијание при набавките на медицинска опрема. Тој тврдеше дека советник на премиерот им давал насоки на директори на клиники за спецификации и набавка на опрема. За овие обвинувања во неговата изјава не беа презентирани дополнителни докази.
Од Фондот за здравствено осигурување, пак, при најавувањето на промените соопштија дека целта е зајакнување на механизмите за спречување потенцијални злоупотреби, како и подобрување на системот преку електронска евиденција и документација.






