Филипче за лидерската средба: Македонците и Албанците се пример за соживот, искрите ги палат политичарите

„Ако некој ја одбие таа средба, прво искрено ќе бидам многу разочаран, понатаму ќе сметам дека апсолутно некој има причина да се надева дека ова може да донесе некаков политички бенефит“, вели лидерот на СДСМ за иницијативата на неговата партија за одржување лидерска средба

За жал гледаме дека секојдневно расте и националистичката реторика и се случуваат инциденти, тоа е нешто што сериозно нè загрижува и иако ДУИ најави интерпелација за министерот Панче Тошковски, ние сме на став дека треба да се организира лидерска средба зашто меѓуетничките односи не се работа која треба да се адресира или менаџира со правни инструменти како интерпелација – рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Интерпелацијата на Тошковски, која ја најави ДУИ, нема да донесе ништо добро, туку со остра реторика во Собранието може да се влоши состојбата, одговори претседателот на СДСМ и пратеник во Собранието на прашањето зошто неговата партија бара лидерска средба и вели дека нема да ја поддржат најавената интерпелација.

„Има милион други причини за министерот Тошковски да има интерпелација и милион причини зошто тој не треба да ја извршува повеќе функцијата, поради тоа што лошо менаџира веќе една година, откако ја презеде функцијата во техничката влада, а ниту сега се справува добро, ниту со криминалот којшто расте по улиците ниту со овие меѓуетнички инциденти во последниот период. Затоа повикуваме на политичка средба и ги повикувам лидерите на најголемите политички партии – и Христијан Мицкоски и Али Ахмети, но и лидерите на ‘Влен’, да седнеме и да разговараме поради тоа што од тука треба да излезе пораката и повикот за смирување на тензиите“ рече Филипче.

Лидерот на СДСМ вели дека македонскиот и албанскиот народ се пример во Европа за добар соживот и оти оние што ги „палат искрите“ се политичарите и токму затоа од политичарите треба да произлезе повик за смирување на страстите и тензиите, бидејќи стабилноста и мирот се најважни за земјава.

„Ако некој ја одбие таа средба, прво искрено ќе бидам многу разочаран, понатаму ќе сметам дека апсолутно некој има причина да се надева дека ова може да донесе некаков политички бенефит. Така што сметам дека во оваа ситуација решение е само лидерска средба на којашто ќе седат лидерите на најголемите политички парти, во оваа сериозно наелектризирана атмосфера, којашто веќе загрижува, кон каде ќе оди и како ќе се развива“кажа претседателот на СДСМ.

За обвинувањата од владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека последните инциденти се сценарио на СДСМ и ДУИ, со кои се обидуваат да го заштитат капиталот кој го стекнале со криминални активности, Филипче вели дека токму лидерска средба ќе покаже и докаже дека тоа не е случај оти пред целата јавност, сите политички чинители од големите партии ќе земат учество во смирување на тензиите и во испраќање пораки дека оваа ситуација треба да спласне бидејќи во спротивно се ризикува ескалација.

На новинарско прашање дали тој лично смета дека овие настани се политички подбуцнати, лидерот на СДСМ одговори дека може да постојат сомнежи и шпекулации, но дека пред сè мора да се покаже зрелост.

„Нема потреба да се остави простор за шпекулација, дека некој верува дека може да се направи и да се организира каков било меѓуетнички судир, а гледаме дека се подгреваат страстите. Прво, инцидентот со знамињата, понатаму во училиштата… Кога во последните години сме гледале деца во униформи со оружје?! Последните седум-осум години немаше такви работи. Ова вчера со палењето на автомобилите и канцелариите, значи сметам дека е сериозна ситуацијата и апелирам да преземеме одговорност“порача Филипче.

Тој вели дека институциите треба да постапуваат, но бидејќи според него тоа не се случува ефикасно, потребно е да се испратат смирувачки тонови на лидерска средба.

Back to top button
Close