Филипова: Забранете им екрани на деца под 3 години

Во интервју за ДВ, професорката Силвана Филипова препорачува да им се забранат екрани на деца под 3 години, а на оние над 3 години – многу ограничено и со надзор. Се повеќе деца страдаат од ткн. екран-траума.

Професорката Силвана Филипова предупредува од тешки последици по здравјето на децата поради изложеност на екраните. Долготрајната изложеност на децата на телефон, компјутер, ајпад или телевизор предизвикува ткн. екран-траума. Eкранизмот доби своја понапредна верзија која веќе предизвикува дури и непоправливи нарушувања во развојот на децата. Сложената клиничка слика на екран-траумата се поклопува со други развојни нарушувања кај нив и тоа ја прави тешка за препознавање, вели д-р Силвана Филипова, која е логопед во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација.

Се почесто стручњаците го користат терминот екран-траума со цел да дефинираат доцнење во развојот кај децата како последица на изложеноста на екран. Но, што претставува екран траума?

Екран-траумата не е психолошка траума која што настанува како резултат на некоја конкретна содржина или акутен стресен настан, туку таа е спора, тивка, развојна невротраума која што настанува како резултат на емоционална лишеност, сензорна преплавеност и недостаток на реални интеракции во реалната средина. Екран-траумата настанува при хроничен стрес предизвикан од долготрајното изложување на децата на влијанието на екраните. На невробиолошка основа екран-траумата прави дисрегулација или дисбаланс на повеќе системи. Првиот систем е лимбичкиот систем, одговорен за емоциите, однесувањето, долгорочната меморија и мирисот.

Тука најмногу е зафатена амигдалата која има улога да се справува со стресот и кај овие деца таа е во постојана, хронична активација и како резултат на тоа имаме напнатост, анксиозност и не можност за заспивање. Вториот систем е кај префронталниот кортекс кој е задолжен за саморегулација, за регулација на импулсите и за развој на емпатијата. Овој систем не може да се развие заради недостаток на интеракција, односно недостаток на комуникација во реалната социјална средина. Како резултат на социјална депривација немаме развој на префронталниот кортекс. Третиот систем е сензорниот систем кој што е во постојана напнатост, преактивација, преплавен е со голем број на аудитивни и визуелни стимулации во форма на брзи слики, силни бои кои детскиот мозок не може да ги обработи и како резултат на тоа се појавуваат голем број на сензорни дисфункции. Дополнително заради таа интензивна активација на допаминскиот систем настанува нарушување на системот за награда, па овие деца тешко често пати можат да најдат задоволство во реалниот свет, па најчесто задоволството го бараат во екраните.

Како изгледа клиничката слика кај екран траумата? Кои симптоми се препознатливи кај овие деца?

Клиничката слика на екран траумата е многу сложена. Многу наликува и се поклопува со симптоматологијата на голем број на развојни нарушувања и заради тоа е тешко препознатлива, а таа се однесува на поголем број на нивоа.

Дете држи во рака телефон чиј екран е блокиран за социјалните мрежи
Траумата од долготрајното користење екрани кај децата предизвикува сложена клиничка слика, вели професорката ФилиповаФотографија: Wolfgang Maria Weber/picture alliance

Првото ниво е на сензорната интеграција односно обработката на сензорните информации, мозокот не може да ги обработи тие брзи и интензивни информации и како резултат на тоа се појавуваат сензорни дисфункции кои што се манифестираат во форма на:

– хипер сензитивност,

– хипо сензитивност или

– сензорно барање. 

На емоционално ниво имаме:

– промена на расположението,

– неможност за регулирање на емоциите и

– анксиозност.

На ниво на однесување имаме:

– импулсивност,

– хиперактивност,

– појава на опозиционо однесување,

– тантруми.

На ниво на социјална интеракција кај голем број од децата, особено помалите имаме:

– тешкотија во воспоставување на контакт со очи,

– здружено внимание,

– тешко реагираат на името,

– имаат нарушување во играта,

– тешко ги препознаваат туѓите емоции и намери и

– имаат нарушување во развојот на теоријата на умот односно во развојот на ментализацијата.

На говорен план се јавува:

– доцнење во јазично-говорниот развој,

– сиромашен речник,

– сиромашна прагматика имаме фонолошки нарушувања, тешко се учи граматиката.

Кај поголемите деца се појавуваат:

– нарушувања во читањето и пишувањето и

– проблеми во совладување на училишните вештини.

Дали постои разлика меѓу екранизам и екран-траума бидејќи и двете состојби се однесуваат на зависноста од екраните?

Екранизмот се користи како термин за да се објасни состојбата на детето кога мозокот има потреба од интензивни стимулации од екранот, на штета на секојдневната интеракција во реална ситуација со своите врсници или пак социјалната околина, токму како резултат на прекумерна изложеност на влијанието на екраните. Потешкотиите кои се јавуваат кај екранизмот ние ги гледаме преку јазично – говорниот, сензомоторниот и когнитивниот развој. Тој има свој развоен процес. Прво се појавува застој во развојот, кога детето не напредува во ниту еден од овие домени што ги споменав, потоа се појавува зависност, што е втора фаза и на крајот ако нешто не преземеме се појавува екран траума која што предизвикува посериозни нарушувања, каде што еден дел од тие нарушувања се и иреверзибилни.

Но што да се прави кога веќе се забележани сензорни дисфункции токму поради изложеноста на екраните?

Развојот на детето во првите три години е најбитен затоа што во овој период имаме интензивен сензомоторен развој и тогаш на децата им се потребни правилни сензомоторни стимулации преку искуствено учење. Додека стимулациите што ги добиваат од екраните не соодветствуваат со развојот и предизвикуваат сериозни нарушувања кои што можат да бидат и иреверзибилни. Кога ќе се појави некаков вид на доцнење во јазично говорниот развој, а во анамнезата имаме податок дека детето било интензивно изложено на влијанието на екраните, ние прво правиме една мултидисциплинарна развојна проценка односно сакаме да видиме каде е застанат развојот, на кое ниво и дали има зависност од екраните или има веќе настанато екран траума. Врз основа на тоа правиме индивидуален план со мултидисциплинарен пристап. Нашите чекори во Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација се во неколку фази. Прво работиме на екран детокс, на терапија на сензорна интеграција, на терапија на интеграција на примитивни рефлекси. Применуваме модификација на однесување, вежби за психомоторна реедукација, вежби за крупна и фина моторика и стимулација на говорот. При тоа применуваме и компаративни и компатибилни методи како што се Томатис методата, биофидбек, неурофидбек и вибро-акустична метода.

Девојче гледа видеа на Јутјуб. декември 2025
Преголемата изложеност на екрани кај некои деца предизвикува симптоми слични на аутизамФотографија: Saeed Khan/AFP/Getty Images

Кога екран траумата останува непрепознаена, кои се последиците од неа за развојот на детето?

Последиците од екран траумата зависат од тоа на која возраст на детето се појавила таа. Ако детето било интензивно изложено на влијанието на екраните пред втората година, екраните предизвикале дисрегулација на невро-биолошко ниво, тогаш кај ваквите деца, во 80% од случаите имаме симптоми слични на аутизмот. Ако се појави после втората година, имаме нарушување во социјалната интеракција и комуникација, а после третата година поманифестни се нарушувањата во когнитивниот развој, говорно – јазичниот развој, а во подоцнежната возраст се јавуваат проблеми во читањето и пишувањето односно децата немаат интерес за совладување на училишните вештини.

Како стручњак од областа со големо практично, но и научно искуство кој е вашиот совет до родителите. Како тие да се однесуваат доколку забележат некои од симптомите?

До родителите денес допираат различни, контрадикторни информации. Тие често не ги познаваат механизмите, како екраните влијаат на развојот на мозокот на детето. И затоа прво тргнуваат од полезноста на екраните во справувањето со секојдневниот живот и со нив ги воспитуваат своите деца. Токму затоа потребна е поголема информираност и медиумска покриеност за штетното влијание на телефоните, Ајпадите, телевизорите, компјутерите и сите екрани врз развојот на детскиот мозок. Да им биде јасно на родителите дека децата не смеат да бидат изложени на екраните пред третата година, а после третата година тоа мора да биде многу претпазливо, дури и непрепорачливо. Според моите практични согледувања, јас би ја дала препораката дека децата не би требало да се изложат на екраните се додека не го совладаат читањето и пишувањето. Постојат и автори, колеги кои велат дека до 18 години децата не смеат да се изложуваат прекумерно на екран бидејќи префронталниот кортекс на човекот последен созрева и поради тој развоен процес кој што се случува кај децата, односно недоволно созреаниот префронтален контекст често имаме инфантилност и потешкотии во совладување на теоријата на умот.

Back to top button
Close