Филмот „Двајца обвинители“, базиран на вистински искуства, доаѓа во кината
„Двајца обвинители” од украинскиот режисер Сергеј Лозница, како филмски документарец базиран на книга, за настаните и искуствата што се случиле за време на СССР и периодот на владеењето на Сталин, од 15 јануари ќе оживее во домашните кина.

Филмот беше номиниран за Златна палма, каде што ја имаше својата светска премиера на престижниот филмски фестивал во Кан, а на 32-от Европски филмски фестивал во Палиќ беше крунисан со Златната кула за најдобар филм во Главната натпреварувачка програма.
Во 1937 година, илјадници писма од затвореници лажно обвинети од тогашниот советски режим беа запалени во затворска ќелија. И покрај сè, едно од таквите писма пристигнува на својата наменета дестинација, адресата на новоназначениот локален обвинител Александар Корниев.
Младиот Корниев прави сè за да се сретне со затвореник, жртва на агенти на тајната полиција, и како посветен болшевик, новоунапредениот обвинител се сомнева во нелегална игра. Неговата потрага по правда го води во канцеларијата на државниот обвинител во Москва.
За потребите на продукцијата, на прашањето како е откриено делото „Двајца обвинители” од Георги Демидов, научник и политички затвореник од поранешниот СССР, режисерот Лозница одговара и објаснува што го инспирирало во таа релативно непозната приказна што започнува со писмо напишано со крв:
„Георги Демидов, авторот на новелата „Двајца обвинители”, бил уапсен во 1938 година во Харков, Украина, каде што работел како експериментален физичар во технички институт. Поминал четиринаесет години во гулагот во неговите најозлогласени логори, кои ги нарекол „Аушвиц без печки”. Демидов пишувал за ова искуство во своите книги, а „Двајца обвинители” е напишан во 1969 година, меѓутоа во тоа време ваквите текстови не само што биле невозможни за објавување, туку и опасни за читање дома, со семејството или со пријателите.”
Новелата, врз основа на која е направен истоимениот филм, првпат е објавена во 2009 година, како приказна што чекала децении и децении да ја види светлината на денот.
„Во текот на изминатите 30 години, собрав доста голема библиотека со книги од затвореници во гулаг, како и од нацистички логори. Секако, кога првпат слушнав за објавувањето на „Двајцата обвинители”, бев фасциниран.” Ја прочитав новелата и приказната ми остана во сеќавање”, додаде Лозница, наведувајќи дека сеќавањата на трагичните настани живеат во речиси сите семејства.
Херојот на приказната, исто како и протагонистот на руските бајки, е опкружен со непознатото. Тој не разбира во каков свет живее и го прави она што го смета за логично и праведно, но светот околу него не е ни каков што мислиме дека треба да биде. Во „Двајца обвинители”, младиот Корниев практично запаѓа во слепа игра.
Режисерот Сергеј Лозница е роден во 1964 година во тогашниот СССР, во Белорусија. Израснал во Киев, Украина. Дипломирал применета математика на Киевскиот политехнички институт, а во 1997 година ги завршил студиите на Државниот институт за кинематографија во Москва, и оттогаш се занимава со филм триесет години. Режирал голем број документарни филмови, од кои многу освоиле значајни награди.






