Финска вели дека ќе остане со Шведска во процесот на НАТО

Финска го задржува својот план за влез во НАТО истовремено со нордискиот сосед Шведска, изјави денеска финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто. „Нашата силна желба е сè уште да влеземе во НАТО заедно со Шведска“, рече Хаависто на прес-конференција во Хелсинки. Турскиот претседател Таип Ердоган во неделата сигнализираше дека Анкара може да се согласи Финска да влезе во НАТО пред Шведска, во услови на растечки тензии со Стокхолм. Турскиот претседател предупреди дека Шведска, која Турција веќе ја обвини дека засолнува курдски „терористи“, повеќе не може да смета на „поддршката“ на Анкара откако екстремно десничарски активист запали копија од Куранот во Стокхолм.

Без да го спомене овој настан, турскиот претседател, сепак, ги повтори своите приговори за Шведска во однос на барањата на Турција за екстрадиција на Курдите. „Им рековме: „Ако сакате да влезете во НАТО, мора да ни ги вратите тие терористи“. Им дадовме список од 120 луѓе (…) Но тие ни се смеат и се повикуваат на нивниот Устав“, рече Ердоган. Фактот што антиисламски десничарски екстремист минатата недела запали Куран во близина на турската амбасада во Шведска предизвика силни протести кај Анкара и муслиманскиот свет, а Анкара веќе ја откажа најавената посета на шведскиот министер за одбрана.

Back to top button
Close