Фон дер Лајен ја откажа средбата со премиерот на Србија бидејќи се сретнал со рускиот министер за економија

Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен денеска, за време на посетата на Белград, ја откажала закажаната средба со премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, поради неговата денешна средба со рускиот министер за економски развој, Максим Решетников.

Фон дер Лајен пристигна во Белград во рамките на својата четиридневна турнеја низ Западен Балкан. Претходно денеска, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, таа рече дека длабоко верува оти иднината на Србија е во Европската Унија, но не го посочи конкретно времето на можниот прием, нагласувајќи дека тоа е „процес на усогласување со ЕУ, кој го дефинира процесот на пристапување“ на секоја земја поединечно.

Откажувањето на средбата Фон дер Лајен – Вучевиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврди портпаролот на ЕК Ерик Мамер, а за АФП шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Џиуфрет.

„Го откажавме состанокот со (српскиот) премиер по (неговиот) состанок со министерот за економија на Руската Федерација“,

изјавил Џиуфрет и, според извештајот на агенцијата Бета, додал дека со тоа била јасно истакната намерата на Србија да ги зајакне своите економски односи во други области со Руската Федерација.
Според претставник на Брисел, во соопштението на српската влада објавено по средбата на Вучевиќ со рускиот министер се зборува за натамошно зајакнување на економската и севкупната соработка со Русија, што било доволна причина шефицата на ЕК „веднаш да одлучи“ за откажување на средбата со премиерот на Србија, пренесе агенцијата ФоНет.

„Во овој контекст, планираната средба повеќе немаше никаква цел“,

објави РСЕ соопштение од прес-службата на Европската комисија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска на прес-конференција со Фон дер Лајен изјави дека има работи за кои ЕУ се жали на Србија и дека претседателката на ЕК секогаш била подготвена да ја слуша страната на Србија.

„Додека јас сум претседател на Републиката, никогаш нема да ги менуваме главните цели на нашата надворешна и внатрешна политика“, рече Вучиќ посочувајќи дека тоа се европскиот пат на земјата и залагањето за членство во ЕУ.

Back to top button
Close