Фон дер Лајен: ЕУ ќе и додели на Украина 160 милиони евра за снабдување со струја

Европската комисија ќе и додели дополнителна поддршка на Украина вредна околу 160 милиони евра, што ќе и помогне земјата да покрие над 25 отсто од своите потреби за електрична енергија, најави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која рано изутринава допатува во посета на Киев.

Како што јави известувачот кој во име на Европската новинска редакција (ЕНР), чиј член е и МИА, ја следи посетата на Фон дер Лајен на Киев, претседателката на ЕК нагласи дека руските немилосрдни напади врз цивилната енергетска инфраструктура на Украина имаат за цел да нанесат максимална штета на две недели пред почетокот на грејната сезона.

– Затоа оваа моја осма посета на Киев доаѓа во клучно време. Ќе и помогнеме на Украина во нејзините храбри напори да ги надмине овие проблеми, порача Фон дер Лајен.

Таа потенцира дека најавената помош од 160 милиони евра е во рамки на новиот План за зимска подготвеност, што го подготви ЕК и кој ќе му го претстави на украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на нивната денешна средба.

– Ќе разговараме и за нашата поддршка за храбрата одбрана на Украина и за да ја натераме Русија да плати за штетите од приходите генерирани од замрзнатите руски средства, изјави претседателката на ЕК, потсетувајќи дека од Данска почнало користењето на овие средства за нарачки на оружје и воена опрема директно од украинската одбранбена индустрија.

Фон дер Лајен информира и дека со Зеленски ќе разговара и околу позајмиците договорени на средбата на Г7 во Апулија, кои, според неа, ќе овозможат значително олеснување за украинскиот буџет.

Таа најави дека на разговорите во Киев ќе стане збор и за амбициите на Украина за пристапување кон ЕУ и за тоа како Комисијата може да ги поддржи овие напори. Украина во пристапниот процес е во фазата на скрининг, кој, според Фон дер Лајен се одвива без проблеми.

– Ќе разговараме и за глобалната поддршка за плановите на Украина за мир и закрепнување. Заседанието на Генералното собрание на ОН следната недела ќе биде повод да се пренесат важни пораки и да се обезбеди поддршка, особено од земјите од глобалниот југ, додаде Фон дер Лајен.

Ова е осма посета на Фон дер Лајен на Киев од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година. Претходната посета на претседателката на ЕК на Украина беше во февруари годинава.

Back to top button
Close