Фон дер Лајен пред ЕП: ЕУ донесе големи одлуки со 27 членки, тоа може да го прави и со 30 плус
Само помислете на големото проширување од пред 20 години. Го нарековме Европски ден на отвореност и претставуваше триумф на посветеноста и надежта над товарот од минатото. И во изминатите 20 години видовме успешна економска приказна која ги подобри животите на милиони. Сакам да погледнеме напред кон следниот Европски ден на отвореност и следните успешни економски приказни.
Ова го истакна претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен говорејќи за прашањето за проширувањето на Европската Унија во своето годишно обраќање за „Состојбата на Унијата“ пред Европскиот парламент во Стразбур денеска.
„Почитувани членови (на Европскиот парламент н.з.), го почнав моето обраќање говорејќи за одговорот на Европа на повикот на историјата. Историјата сега нè повикува да работиме на комплетирање на нашата Унија. Не смееме да ги оставиме нашите пријатели Европејци зад нас. Во свет во кој големината и тежината имаат значење, јасно е дека стратегиски интерес на Европа е да ја направи целосна нашата Унија“ рече Фон дер Лајен.
На овој пат, како што кажа таа, мора да се предвиди секој ризик и да се постави визија за успешно проширување.
Претседателката на ЕК, говорејќи за проширувањето на Унијата, не спомена конкретен датум или година кога тоа би можело да се случи, како што тоа неодамна го направи претседателот на Европскиот совет. Тој во своето обраќање на Старетегискиот форум во Блед, Словенија, рече дека Унијата треба да биде подготвена за прием на нови земји членки до 2030 година.
Меѓу земјите кандидатки е и С Македонија, која лани во јули ги отвори преговорите со Европската Унија, но и понатаму е соочена со предизвикот за уставни измени за вметнување на Бугарите и други народи во Преамбулата, како услов за одржување на втората меѓувладина конференција со која и официјално ќе стартуваат преговорите по кластери и поглавја.
Владеењето на правото и фундаменталните права, посочи претседателката на ЕК, ќе останат темелни вредности за сегашните и идни земји членки.