Кражбата на железничката во Драчево не можела да се направи без луѓе од ЕВН и „Железници“, вели Николоски
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски го опишува како „филмски“ грабежот на електровлечната потстаница во Драчево, кој ресорното министерство минатиот месец го оцени како тежок напад врз критичната железничка инфраструктура.

За потсетување, при кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени.
Електровлечната потстаница во Драчево е во сопственост на „Македонски железници – инфраструктура“. Според првичната процена, материјалната штета изнесува околу пет милиони евра.
Со кражбата, како што соопшти Министерството, предизвикано е целосно уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура и оти објектот е нефункционален.






