(ФОТО) Изведена сложена операција на тешко повреден пациент во пожарот во Кочани – објави Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија

Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје на Фејсбук објави дека биле реализирани повеќедневни стручни консултации за понатамошниот третман на пациентите повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

По иницијатива на директорката на Клиниката, Јасмина Ѓорѓиевска Павловска била организирана експертска посета од суб. спец. д-р Игор Маљковиќ, искусен пластичен и реконструктивен хирург со долгогодишно искуство во лекувањето на најсложените случаи на изгореници.

Во текот на посетата биле извршени детални прегледи и стручни консултации за секој пациент, а биле дефинирани и индивидуални планови за етапно реконструктивно лекување. Секој случај бил разгледан од аспект на функционалното закрепнување, можностите за понатамошни оперативни зафати и очекуваните резултати.

„Покрај консултативниот дел, беше реализирана и сложена реконструктивна операција кај еден од најтешко повредените пациенти од пожарот во Кочани. Операцијата беше резултат на тимска работа и професионална соработка меѓу д-р Маљковиќ и прим. д-р Ѓорѓиевска Павловска, прим. д-р Тренчев, ас. д-р Нацеска Ѓорѓевска, ас. д-р Јовановски, спец. д-р Максутлар, спец. д-р Трајков, како и специјализантите д-р Ставриќ, д-р Шемов и д-р Пејоска, д-р Ончев, со поддршка од анестезиолошкиот тим, операционите медицински сестри и целиот персонал на Клиниката“,пишува во објавата.

Од Клиниката велат дека грижата за пациентите со тешки изгореници бара знаење, искуство, трпение и пред сè, тимска работа. Додаваат дека успехот не се мери само со успешно изведената операција, туку и со секој следен чекор кој му овозможува на пациентот повторно да ги користи своите раце, да се врати во секојдневниот живот и да ја врати надежта за иднината.

„Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија останува посветена на обезбедување континуирана, современа и холистичка здравствена грижа за пациентите повредени во пожарот во Кочани. Со посветеноста на специјалистите, професорите, специјализантите, медицинските сестри и останатиот здравствен персонал, како и преку соработка со врвни експерти од регионот и светот, Клиниката продолжува да го гради патот кон постигнување максимални резултати за секој пациент“,велат од Клиниката.

Оттаму потенцираат дека лекувањето на пациентите со тешки изгореници не завршува со спасувањето на животот или зараснувањето на раните, туку токму тогаш започнува долго и комплексно патување исполнето со реконструктивни операции, рехабилитација и постепено враќање на функцијата, самостојноста и квалитетот на живот.

Back to top button
Close