(ФОТО) Кек лапис: Најубавиот колач за Рамазан
Богатата, маслена арома на кек лапис (повеќеслоен колач) не изненадува, имајќи предвид дека Малезија се подготвува да го прослави Рамазан, а кек лаписот е составен дел од овие свечености.
Печењето на кек лапис е како спроведување на научен експеримент. Подготовката на овој повеќеслоен малезиски колач со шарени и сложени дезени не само што бара знаење и вештина, туку и многу трпение, прецизно око и стабилна рака.
Овој колач за првпат пристигнал во Малезија од соседна Индонезија преку државата Саравак на островот Борнео, во средината на 19 век, кога холандските колонизатори го претставиле европскиот колач во Батавија (сегашна Џакарта). Индонезијците додале локални зачини како што се цимет, каранфилче и морско оревче и го претвориле колачот во лапис, често познат и како колач со илјада слоеви.
По пристигнувањето на овој колач во соседна Малезија во 1970-тите, жителите на Сараваки го издигнале колачот до возвишена уметничка форма, која вклучува повеќе слоеви и бројни бои и вкусови кои се мешаат во мекиот и вкусниот кек лапис. Додека класичниот кек лапис однадвор изгледа како обичен леб, со пресекувањето на колачот се открива калеидоскоп од сложени геометриски обрасци.
Кек лаписот обично има минимум 12 слоеви. Колачот се создава така што внимателно се додава еден тенок слој тесто на секои неколку минути врз тавата за печење. Се пече секој слој во рерната и притоа се внимава долните слоеви никогаш да не бидат изгорени.
Конечниот колач се лади и потоа се сече на ленти, со составување на различни парчиња. Се користи густ џем или кондензирано млеко како лепило. Честопати, треба да се испечат повеќе колачи, а парчињата потоа се собираат за да се создаде сложена шема.