ФОТО Родителите на Васил Јованов негираа дека му го дале возилото, адвокатот Дукоски вели многу невистини се споделуваат
На денешната прес-конференција на адвокатот на Васил Јованов, осомничениот кој ја прегази Фросина Кулакова на улицата „Партизанска“, се појавија и родителите на возачот. Тие категорично негираа дека му го дале возилото на своето дете.
Адвокатот Сашо Дукоски на прес-конференцијата жестоко реагираше на наведените тврдења во јавноста, нагласувајќи дека многу невистини се споделуваат во јавноста.
„Низа т.н. експерти се знаат за постапката, а таа не трае ниту една недела. Вчера беа донесени првите наредби за вештачење, но јавноста беше индоктринирана со нерални и неточни изјави кои доведуваат до јавен гнев и повици за линч на Васил Јованов. Ова не е обид за намалување на тоа што се случило, но потребна е судска постапка, а не со правдата на улицата и протестите“, изјави Дукоски.
Тој додаде дека со невистини се подгревал гневот, нагласувајќи дека осомничениот не избегал од местото на несреќата, како што било тврдено.
-Некој ќе се обидел со помош на психијатар да го прогласи за непресметлив – тоа не е реално, нема да се обидеме да ја намалиме неговата пресметливост и психофизичка способност од времето на вршењето на кривичното дело. Васил е пресметлив и психички здрав. Во однос на претходна сообраќајна незгода – се инсинуира дека таму имало корупција, па не било процесирано… за полесните незгоди се знае дека се бара согласност од другата страна да нема кривичен прогон, па така, после добиената согласност, на Васил му се наредува да уплати сума за да не се покрене кривична постапка, кажа Дукоски.
Пред да го стори делото, Васил беше на отворање на кафуле на пријател, каде конзумирал алкохол, но не и дрога, додаде адвокатот.
Прес-конференцијата предизвика големо внимание, бидејќи јавноста продолжува да биде под голем стрес поради трагичната сообраќајна несреќа, додека правосудните органи се уште го разгледуваат случајот и се очекуваат нови информации во текот на следните денови. (4news)