ФОТО+ВИДЕО: Членови на проруската владејачка партија брутално го претепаа поранешниот грузиски премиер

Во Батуми, град на брегот на Грузија, брутално беше претепан поранешниот премиер и лидер на опозициската партија „За Грузија“, Гиорги Гахарија, кој се здоби со потрес на мозокот и скршеница на носот. За нападот се осомничени пратеници од владејачката партија „Грузиски сон“, а како што објави „Georgia Today“, нападот се случил во фоајето на хотелот „Шератон“.

Според грузиските медиуми, очевидци тврдат дека во нападот учествувале пратеникот од партијата „Грузиски сон“, Дмитриј Самхарадзе, членот на Врховниот совет на Аџара од истата партија, Гиорги Манвелидзе и други. Полицијата соопшти дека покренала постапка по член од Кривичниот законик за телесни повреди, но не ги коментираат информациите за вмешаност на пратеници во инцидентот.

Медиумите посочуваат дека полициска патрола пристигнала на местото едвај 40 минути подоцна, многу подоцна од Брзата помош. Во тоа време, персоналот на хотелот веќе почнал да го чисти местото на инцидентот, додека од клиниката во која бил пренесен Гахарија, било пријавено дека тој одбил хоспитализација и ја напуштил болницата откако му била укажана прва помош.

Back to top button
Close