Франција 15 години порано ги отвора архивите за „судските истраги“ за војната во Алжир

Француската министерка за култура, Розелин Башело, денеска го најави отворањето на архивата за „судските истраги“ за војната во Алжир (1954-1962), речиси 60 години подоцна, и тоа во време на повеќемесечната криза во француско-алжирските односи.

-Петнаесет години порано ги отворам архивите на жандармеријата и полициските истраги за војната во Алжир, изјави таа за BFMTV.

Изјавата доаѓа два дена откако францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан го посети Алжир.

-Сакам на ова прашање – што  е проблематично, иритирачко, каде што работат фалсификаторите на историјата – сакам на тоа да може да му се погледне во лице. Не се гради национален роман на лаги, рече министерката за култура, која е задолжена за архиви.

Таа посочи дека фалсификувањето носи неволја и омраза.

-Од моментот кога фактите се на маса… можеме да изградиме друга приказна, таа на помирување, рече министерката.

Запрашана за последиците од одлуката, особено поради очекуваната потврда дека француската армија извршила тортура во Алжир, таа рече дека е „во интерес на земјата да го признае тоа“.

Објавата е дел од меморијалната политика на помирување што ја започна францускиот претседател Емануел Макрон.

На 13 септември 2018 година, тој призна дека исчезнувањето на математичарот и член на Комунистичката партија Морис Аудин во 1957 година во Алжир е дело на француската војска и му вети на неговото семејство широк пристап до архивите.

На 9 март оваа година, Макрон најави поедноставување на пристапот до процедурите за декласификација за доверливите архиви постари од 50 години, овозможувајќи пократко време на чекање поврзано со тој процес

Back to top button
Close