Франција ги затвора клубовите  

Франција одлучи да ги затвори ноќните клубови на четири недели пред Божиќ и да ги зајакне мерките за физичко растојание и санитарните протоколи за училиштата, но нема потреба од нови затворања или полициски час, изјави премиерот Жан Кастекс.

Кастекс рече дека петтиот бран на пандемијата силно ја погодува земјата. Сепак, тој нагласи дека со 52 милиони вакцинирани состојбата е подобра од порано и дека нема потреба од построги мерки пред Божиќ.

Министерот за здравство, Оливие Веран, пак, рече дека комбинацијата на засилувачки дози и поригорозни мерки на физичко растојание ќе и овозможат на Франција да го избегне „локдаунот“ што моментално е на сила во неколку европски земји.

-Сакаме да поминеме низ овој бран од пандемијата без нови ограничувања за целото население, без разлика дали е вакцинирано или не – додаде тој.

Француската влада размислува да отвори вакцинација за сите деца на возраст од 5 до 11 години на доброволна основа.

Во меѓувреме, американските власти ги повикаа своите граѓани да избегнуваат да патуваат во десетина земји, вклучително и Франција и Португалија, поради зголемениот број на новозаразени со коронавирусот во Европа.

Back to top button
Close