Франција и САД затворија веб-страница што продавала сексуални слики од 17.000 жени

Заедничка операција на француските и американските власти затвори онлајн платформа која дистрибуирала голи слики од илјадници жени, вклучително и малолетнички, добиени преку уцена, хакирање или без согласност од жртвите, соопштија денеска француските обвинители.
Уште три други веб-страници поврзани со платформата исто така беа отстранети од интернет, пренесе ДПА.
Двајца браќа, на возраст од 21 и 25 години, беа уапсени во северна Франција и се осомничени дека се главните оператори на платформата, се вели во соопштението на париското обвинителство. Запленети се и дигитални средства во вредност од над 700.000 евра (787.000 долари).
Сликите наводно потекнувале од хакерски напади врз профили на социјалните мрежи, како и од случаи на кибер-груминг, во кои возрасни добиваат доверба од малолетници на интернет и вршат притисок или принуда врз нив да направат голи слики.
Материјалот вклучувал и таканаречена „одмаздничка порнографија“ – интимни слики кои првично биле направени со согласност на субјектот, но подоцна биле дистрибуирани од поранешен партнер без овластување – обично за да предизвикаат штета или понижување по завршувањето на врската.
Засегнати се жени од повеќе националности, вклучително и малолетнички, соопштија властите.
Според обвинителите, корисниците на веб-страниците биле поттикнувани да поднесуваат идентификациски информации за поединечни жртви во замена за награди во виртуелна валута.
Жртвите биле каталогизирани под нивните вистински имиња, со профили кои содржеле детали како што се нивната возраст, место на живеење, професија и физички изглед, и биле оценувани на скала од еден до 10.
Француските и странските жртви чии интимни слики биле дистрибуирани на платформата беа повикани да контактираат со националната единица за кибер-криминал на Франција преку е-пошта.






