Францускиот министер за образование најави план за замена на отсутните наставници

Францускиот министер за образование Едуар Жефре денеска најави дека наскоро ќе претстави план за вонредни ситуации за замена на отсутните наставници во училиштата.
– Имаме план за вонредни ситуации, чии прецизни детали ќе имам можност да ги соопштам за неколку часа или за неколку дена – им изјави тој на новинарите по состанокот со учениците од средното стручно училиште „Рејмонд Копа“, пренесе порталот Франс 24.
Во врска со неговата средба со трите главни организации на средношколците, тој навести дека има намера да им објасни што планира да преземе Министерството.
Портпаролката на Студентскиот сојуз Сабрин Харбах изјави дека таа организација ќе продолжи со мобилизацијата сè додека Владата не ги исполни нивните барања.
„Сè додека немаме 10 милијарди на маса, ќе продолжиме со мобилизацијата. Ги повикувам сите уште помасовно да се приклучат на демонстрациите што почнуваат овој вторник со голем протест низ целата земја“, изјави таа.
Протестите на средношколците во Франција продолжуваат, а затворени се 224 училишта од вкупно 3.700 образовни установи во земјата. Според податоците на Министерството, повеќе од 90 отсто од образовните установи работат.
Студентската и професионалната меѓусиндикална група денеска повика на нова мобилизација и штрајк на 13 октомври.






