Францускиот претседател започна консултации за избор на нов премиер
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска започна разговори со политичките партии за назначување на нов премиер.
Макрон во четвртокот изјави дека „во следните неколку денови“ ќе назначи нов премиер, откако парламентот во средата гласаше за недоверба на Мишел Барние и неговата влада.
Партијата на еколозите денеска се сретна со Макрон во претседателската палата. Шефицата на партијата, Марин Тонделје, изјави дека Макрон сфатил дека мора да престане да носи одлуки самоволно и да брза со номинации кои водат кон гласање за недоверба.
Лидерот на Комунистичката партија, Фабиен Русел, изјави дека не разговарале за имиња, туку за содржината на идната политика. Тој побара новиот премиер да се фокусира на економските прашања, вклучително и куповната моќ.
Еден од можните кандидати за премиер е Франсоа Бајру, градоначалник на Пао и близок сојузник на Макрон, но левичарските партии се спротивставуваат на оваа номинација.
Парламентот неодамна гласаше за две различни иницијативи за недоверба, поднесени од левичарскиот сојуз Нов народен фронт и крајно десничарската партија Национален собир.
Досегашната влада, која беше на власт најкратко во историјата на Петтата република, ќе ги извршува своите должности до назначувањето на нова влада.