Фрчкоски одржа предавање на Европскиот Универзитет во Тирана
Предавањето беше посветено на идентитетските конфликти, нивната динамика и можностите за нивно надминување преку преговори и медијација
На 25 март, на Европскиот Универзитет во Тирана се одржа предавање на истакнатиот македонски професор и јавен интелектуалец, Љубомир Д. Фрчкоски, посветено на темата на идентитетските конфликти, нивната динамика и можностите за нивно надминување преку преговори и медијација.

Повод за предавањето беше неговата најнова книга, Negotiation in Identity Conflicts (2024), во која се разработуваат сложените околности на преговори во политички конфликти засновани врз идентитет. Делото нуди анализа на улогата на медијаторите, значењето на меѓународните стандарди и чувствителноста кон локалните културни и историски контексти, со цел надминување на непријателствата и спречување на конфликти.

Во своето излагање, Фрчкоски се осврна на т.н. „мултикултурен парадокс“, односно постојаното судирање на различни култури во современите општества, како и на „демократско-либералниот парадокс“ – тензијата меѓу стремежот кон граѓанска еднаквост и заштитата на индивидуалните права и слободи. Тој нагласи дека идентитетот останува клучна категорија за поединецот и заедницата, поради што конфликтите поврзани со него се честа и речиси неизбежна појава.

Клучниот проблем, според професорот, настанува кога овие конфликти ескалираат во насилство. Токму односот меѓу идентитетот и насилството претставува централна тема во неговите истражувања и во најновата книга.
Фрчкоски посочи дека решавањето на идентитетските конфликти се одвива на две нивоа: прво, преку директни преговори меѓу засегнатите страни и медијаторите, и второ, преку формална политичка институционализација на постигнатите договори. За успешен исход, тој издвојува три неопходни услови: поддржувачки меѓународен контекст, квалитетно изработен договор што обезбедува балансирано чувство на задоволство кај страните, како и одговорни политички елити подготвени да го понесат товарот на решавањето на длабоко вкоренетите спорови.
Настанот привлече внимание од академската и пошироката јавност, отворајќи значајни прашања за улогата на дипломатијата, правото и политичката одговорност во процесите на градење мир и превенција на конфликти.
На 26 март, повторно во Тирана, организирана е јавна расправа по повод последното издание на истоимената книга на проф. Фрчкоски, организирана од Албанскиот Институт за Меѓународни Односи, во водство на д-р Алберт Ракипи.
На барање на најгледаната телевизија Тop chanel, Фрчкоски даде интервју за состојбите во Македонија и регионот
Фрчкоски (1957) важи за една од најзначајните интелектуални фигури во современата македонска историја. Тој е професор по меѓународно право и човекови права, главен автор на Уставот на независна Република Северна Македонија (1991), како и поранешен министер за внатрешни и за надворешни работи (1992–1997). Неговата последна дипломатска функција беше постојан претставник на државата во Обединетите нации во Њујорк. Во текот на својата кариера има објавено бројни книги, учебници и научни трудови, а активно учествува во академски и јавни дебати во регионот и пошироко.






