Фудбалска федерација на Косово: Фудбалерите во Романија го бранеа достоинството на државата, ќе се жалиме во УЕФА

Фудбалската федерација на Косово (ФФК) го осуди расистичкото однесување кое се случи на натпреварот во петокот помеѓу Романија и Косово во Букурешт, во рамките на Лигата на нации и ја оправда одлуката на косовските фудбалери да го прекинат натпреварот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Натпреварот беше прекинат во судиското надополнување по истекот на 90. минута, по континуираните расистички и антикосовски скандирања на романските навивачи.

ФФК во денешното соопштение вели дека постапките на романските навивачи создале небезбедна атмосфера за косовските фудбалери.

– Во текот на целиот натпревар имаше скандирања „Косово е Србија„ и „Србија, Србија“, свирежи за време на интонирањето на националната химна на Косово, фрлање тврди предмети на терен и други навредливи и провокативни дејства, создавајќи атмосфера на неприфатлива и небезбедна атмосфера за нашите играчи, се вели во реакцијата.

ФФК вели дека двапати ја предупредила УЕФА за можноста од вакво однесување, а ситуацијата ескалирала кога навивачите одбиле да престанат со расистичките скандирања.

– И покрај напорите на нашиот тренер, Фода, да се доигра натпреварот и да се елиминираат ваквите постапки на романските навивачи, сепак и по прекинот продолжи расистичкото однесување. Во таква ситуација, играчите со право избраа да ги почитуваат антирасистичките прописи на УЕФА и да го заштитат достоинството на државата Косово, како рамноправна членка на УЕФА и ФИФА, се вели во соопштението.

ФФК ги обвини и организаторите и за недостаток на сигурност, напоменувајќи дека романски фудбалски функционер интервенирал на прес-конференцијата на косовската репрезентација, отстранувајќи ги новинарите, а потоа му се заканувал и нападнал косовски фудбалер во ходниците на стадионот.

– Ова срамно и неприфатливо однесување доведе до итна реакција на претставниците на ФФК, се вели во соопштението.

ФФК објави дека ги пријавила прекршоците до делегатот на натпреварот и почнала да подготвува целосна жалба до УЕФА.

– Веруваме дека УЕФА ќе постапи во согласност со нејзините основни вредности за најостро да го осуди расистичкиот јазик и другите неприфатливи дејствија што се случија на овој натпревар. ФФК ја потврдува својата посветеност да го заштити достоинството на репрезентацијата на Косово и вредностите на фудбалот, но и принципите на УЕФА и ФИФА за фудбал без политика и почитување на „фер-плеј“, како игра која мора да обединува а не да дели. Расизмот и дискриминацијата немаат место ниту во спортот, ниту во нашето општество“, се заклучува во соопштението на ФФК.

Во моментот на прекинот резултатот беше 0:0.

Back to top button
Close