ФЗОМ сардисан од тужби за лекување во странство

И покрај бројните препораки изминатите години, ревизорите и во најновиот извештај утврдија низа пропусти во работењето на ФЗО, против кој германска болница има покренато 12 тужби

.

 

И покрај бројните препораки изминатите години, ревизорите и во најновиот извештај утврдија низа пропусти во работењето на Фондот за здравствено осигурување, кој е Сардоничен од тужби. Ревизорите утврдиле дела во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица постојат повеќе слабости и неправилности, односно не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство, за што од страна на Фондот по овој основ се исплатени средства во износ од околу 5 милиони евра.

За побарувањата за дадени аванси за лекување во странство кои заклучно со 2023 година изнесуваат околу 4,8 милиони евра, не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници и навремено затворање на дадените аванси, што доведува до нивен континуиран пораст.

 

 

Тужена страна во 27 постапки

Фондот се јавува како тужена страна во 27 судски постапки во земјата во кои се бара плаќање на над 317 милиони денари, од кои 73% се однесуваат на постапки покренати од ПЗУ за плаќање на услуги над договорениот годишен надоместок, а остатокот се постапки покренати од осигуреници за трошоци за лекување во странство, постапки за неплатени делови од фактури за ортопедски помагала, како и по основ на долг по фактури за извршени набавки и други обврски. Во текот на 2023 година по правосилни пресуди Фондот има исплатено речиси осум милиони денари на еден тужител.

Покрај судските постапки во Македонија, Фондот се јавува како тужена страна и во 12 постапки покренати од германска болница со тужбено барање за наплата на нецелосно платени фактури за лекување на осигуреници на Фондот со вкупна вредност од 433.777 евра односно над 25 милиони денари.

И покрај бројните препораки изминатите години, ревизорите и во најновиот извештај утврдија низа пропусти во работењето на ФЗО, против кој германска болница има покренато 12 тужбиФотографија: Imago Images/Panthermedia/Kzenon

„По добиен наод и мислење од извршено вештачење и правно мислење од адвокатска канцеларија, доставени се повеќе информации до Владата и започната е комуникација со болницата. Во досегашниот период 9 тужбени барања од болницата се усвоени од германскиот суд, а за четири од нив Фондот има поднесено жалба“, се наведува во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.

 

Од друга страна Фондот се јавува како тужител во 9 судски постапки со вкупна вредност од над 67 милиони денари, од кои 98% се од правни лица ортопедски куќи за испорачани несоодветни помагала. Ревизорите укажуваат дека постои неизвесност за крајниот исход на судските постапки од дополнително оптоварување на проценетиот износ со камати и судски трошоци кај споровите во кои Фондот е тужена страна, како и за наплата на побарувањата, што може дополнително да го оптовари работењето во иднина.

 

Нов извештај – стари болки

Ревизорите утврдиле слабости и во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради отсуство на ИТ стратегија, недостиг на ИТ кадар, застарена серверска структура и недоволна безбедност на ИТ системот, состојби коишто резултирале со сајбер напад во февруари 2023 година што довело до нарушено функционирање на целиот здравствен систем во државата.

 

Ревизијата повеќе години наназад известува за лошата состојба со ИТ системот и можните ризици од недостигот на ИТ кадар. Исто така и економскиот оператор кој го одржува ИТ системот во повеќе наврати има доставено информации за регистрирани обиди за напади со штетен софтвер.

 

„Од страна на Фондот не е навремено постапено по добиените препораки, што во февруари 2023 година резултира со сајбер напад, по кој во одреден период ИТ системот е вон употреба и е оневозможен пристап до дел од податоците, со што е нарушено работењето на Фондот, а со тоа се загрозени и функционирањето и стабилноста на целиот здравствен

систем на државата“, велат ревизорите. Тие укажуваат дека не се донесени ИТ стратегии за развој на информацискиот систем и политики и процедури за заштита на податоците и функционирање на системот по евентуални катастрофи согласно стандардите за информациска безбедност.

 

Контроверзни рецепти

Ревизорите укажуваат и дека процесот на препишување и издавање лекови кои паѓаат на товар на Фондот се одвива преку повеќе софтверски решенија (ИТ систем на Фондот, Мој Термин, матични лекари и аптеки), кои не се меѓусебно поврзани во интегриран систем за изготвување и доставување на фактурите од аптеките, поради што постои ризик од грешки и пропусти.

Во периодот од 2021 до 2023 година од страна на работни групи формирани од директорот на Фондот, направени се неколку дополнителни системски проверки во ИТ системот на Фондот и Мој Термин со кои се откриени вкупно 65.609 спорни рецепти во вкупна вредност од околу шест милиони денари. Станува збор за повеќекратно фактурирање на рецепти со ист број, рецепти без број и рецепти со невалиден број во периодот од мај 2020 година до март 2022 година.

 

Заради тоа до подрачните служби се доставени дописи со задолжение да извршат повторна проверка и вонтеренска контрола на спорните рецепти, а донесена е и Одлука од Управниот одбор за спроведување на постапка за намалување на утврдените неосновано исплатени средства на аптеките.(dw)]

Back to top button
Close