(ГАЛЕРИЈА) Божиќни традиции низ светот: Божик со вештерки, кисели краставички и брза храна…
Венецуела: На ролшуи до богослужба
Одењето во црква на Божик е вообичаено во многу христијански земји. Во Венецуела пак на полноќната миса на 24 декември не се оди, туку се вози на ролшуи.
Филипини: Чудотворни ѕвезди
Ѕвездата од Витлеем, која трите мудреци ги доведе до колевката на бебето Исус, игра централна улога во Божиќната приказна.
На Филипините ѕвездите се нацртани на шарени фенери и за Божиќ се закачуваат пред домовите. Светилките направени од бамбус и јапонска хартија симболизираат надеж и светлина.
Италија: Божиќната вештерка Бефана
Добродушната Бефана всушност требало да го посети новородениот Исус заедно со мудреците, но прво сакала да си ја заврши работата на разбојот.
Вештерката подоцна не можела сама да го најде патот, па затоа во ноќта меѓу 5 и 6 јануари лета низ светот и го бара детето. Добрите деца ги наградува со слатки, лошите деца со парче јаглен во форма на шеќер.
Јапонија: КФЦ наместо божиќна гуска
Во Јапонија помалку од еден процент од населението се идентификуваат како христијани. Затоа Божиќ е секуларна прослава, но со свој обичај – се јаде познатото пржено пилешко од основачот на „Кентаки фрајд чикен“, полковникот Сандерс, и тоа е божиќна традиција. Во 1974 година компанијата за брза храна започна голема рекламна кампања „Кентаки за Божиќ“.
Мексико: Ноќ на репките
Во 1897 година, градоначалникот на мексиканскиот град Оаксака иницираше бизарна божиќна традиција: ноќ на репките. Секоја година на 23 декември, локалните уметници резбаат сцени од секојдневниот живот во репките што се одгледуваат таму и ги изложуваат на божиќниот пазар. Се резбаат и теми поврзани со празникот, како Исус во колепката.
Каталонија: Долу на земјата
Повеќето сцени на раѓањето на Исус имаат небесен шарм, но во шпанскиот регион Каталонија има една претерано човечка фигура. „Ел Каганер“ („Серко“) е фигура на селанец, вообичаено сместена во ќоше, која носи традиционална каталонска црвена капа и се однесува соодветно на името.
Австрија: Лошо расположениот асистент на Дедо Мраз
Свети Никола им носи подароци на сите што се однесувале добро. Во Австрија за непослушните се грижи неговиот помошник Крампус.
Според легендата, на 5 декември, во пресрет на Свети Никола, тој се искрадува од скривницата за да ги казни непослушните деца. Тој ги носи во подземниот свет, ги камшикува со гранчиња од бреза, или дури ги удавува.
САД: Кисела краставица
Германските божиќни традиции се многу популарни во САД, што вклучува и закачување на „божиќна кисела краставица направена во Германија“ на елката. Ретко кој во Германија знае за ова. Четвртата генерација на производители на стакло од Тирингија, каде што според американски документ била измислена краставицата во 1880 година, дознале за обичајот дури во САД – и оттогаш ја произведуваат.
Кина: Јаболка на мирот
Божиќ не е цврсто втемелен празник во културата на Кина, но и таму има еден посебен обичај. „Бадник“ на мандарински значи пинганије или „вечер на мирот“.
Тоа звучи слично како „Пинггуо“, што значи „јаболко“. Па така јазичната фузија ги направи јаболката популарен божиќен подарок како „јаболко на мирот“.
Шведска: Поздрав од Пајо Паторот
Секоја година на 24 декември во 15 часот, шведските семејства го гледаат специјалното издание на Волт Дизни од 1958 година „Пајо Паторот и неговите пријатели ви посакуваат среќен Божиќ“. Според шведскиот весник „Де Локал“, повеќе од 4,5 милиони луѓе, што е речиси половина од вкупното население, го гледале едночасовното шоу во 2020 година, што ја прави најгледана ТВ програма во историјата на Шведска.
Етиопија: Божиќ во јануари
Додека во многу христијански земји 24-ти декември се слави како датум на Христовото раѓање, повеќето православни цркви, вклучително и во Етиопија, го слават Божиќ на 7-ми јануари. Во Етиопија празникот се нарекува Гана или Гена.
Многу локални жители претходно учествуваат во „Цоме Небијат“, „Постот на пророкот“, кој се држи до 43 дена пред Божиќ.(dw)