ГАЛЕРИЈА: Неверојатно убави фрески откриени при ново ископување во Помпеја

При археолошки ископувања на Помпеја, античкиот римски град кој исчезна во 79 година откако беше закопан под лава поради ерупцијата на вулканот Везув, се откриени нови фрески кои буквално го одземаат здивот. Митските грчки ликови како Елена од Троја се прикажани на високите црни ѕидови во големата трпезарија.

„Ѕидовите се обоени со црна боја за да не се гледа чадот од светилките на нив. Луѓето доаѓале овде да вечераат по зајдисонце, а треперењето на светилките создавало ефект како ликовите на фреските да се движат“, вели за Би-би-си директорот на паркот д-р Габриел Зухтригел.

На високите црни ѕидови на големата трпезарија се насликани повеќе фрески, а речиси целиот мозаичен под во просторијата содржи повеќе од милион индивидуални мали бели плочки.

На ископините доминираат два сета на фрески. На едната се гледа богот Аполон како се обидува да ја заведе пророчицата Касандра, а нејзиното одбивање според легендата, резултирало со тоа богот да ја казни така што на нејзините пророштва никој не верувал.

Трагичните последици се раскажани во втората слика во која принцот Парис ја запознава убавата Елена – средба која Касандра знае дека ќе ги донесе до трагичната Тројанска војна.

Третина од изгубениот град допрва треба да се исчисти од вулкански остатоци. Сегашното ископување, најголемо во една генерација, ја нагласува позицијата на Помпеја како врвен прозорец во светот за луѓето и културата на Римската империја.

Широк станбен и трговски блок, познат како „Регион 9“, се чисти од вулкански камења и пепел исфрлени од Везув пред речиси 2.000 години. Персоналот мора брзо да се движи за да ги заштити новите наоди, отстранувајќи го она што може во магацин.

На фреските кои не можат да се поместат, им се вбризгува лепак од гипс на задниот дел за да се спречи нивното одделување од ѕидовите. Ѕидовите се зацврстуваат со скелиња, а има и привремен покрив.

Ископувањата кон крајот на 19 век открија перална во еден агол. При последното ископување беше откриена и пекара во соседството, како и големата резиденција со својата црна соба.

Тимот е убеден дека трите области можат да се поврзат, физички преку водоводот и преку одредени премини, но и во однос на нивната сопственост.

Идентитетот на овој поединец е навестен во бројни натписи со иницијали „ARV“. Буквите се појавуваат на ѕидовите, па дури и на воденичките камења во пекарницата.

„Знаеме кој е АРВ: тој е Аулус Рустиус Верус“, објасни археологот од паркот д-р Софи Хеј. „Го знаеме од другата политичка пропаганда во Помпеја. Тој е политичар и е супербогат. Мислиме дека можеби тој е сопственикот на луксузната куќа зад пекарата и пералната“.

Она што е јасно, е дека сите имоти биле во фаза на реновирање во моментот на ерупцијата.

Работниците кои избегале ги оставиле ќерамидите уредно наредени; нивните садови со малтер сè уште се полни, чекајќи да се употребат; нивниот алат останал, иако дрвените рачки одамна се изгниени.

Д-р Алесандро Русо, другиот водечки археолог на ископувањето покажува фреска собрана од една соба, скршена за време на ерупцијата, а нејзините парчиња се поставени како сложувалка, на голема маса. На фреската може да се видат пејзажи со египетски знаци; храна и цвеќиња; и некои импозантни театарски маски.

„Ова е моето омилено откритие во ова ископување бидејќи е сложено и ретко. Тоа е висококвалитетно за поединец со висок статус“, објаснува тој.

Но, ако таванската фреска на големиот имот може да се опише како извонредна, некои фрески кои ја претставуваат пекарата покажуваат сосема побрутален аспект на римскиот живот – ропството.

Очигледно е дека луѓето кои работеле во пекарата биле држени заклучени во ужасни услови, живеејќи рамо до рамо со магарињата кои ги превртувале воденичките камења. Изгледа како да имало еден прозорец со железни решетки за да се спречи бегството.

Во пекарата се откриени и единствените скелети од ископувањето. Двајца возрасни и едно дете биле згмечени од паѓање на камења. Претпоставката е дека тие можеби биле робови кои биле заробени и не можеле да побегнат од ерупцијата.

„Кога ископуваме, се прашуваме што гледаме“, објаснува ко-водечкиот археолог д-р Џенаро Јовино.

„Слично како театарска сцена, ја имате сценографијата, позадината и виновникот, како што е вулканот Везув. Археологот треба да биде добар во пополнувањето на празнините – раскажувајќи ја приказната за исчезнатата актерска екипа, семејствата и децата, луѓе кои повеќе не се таму“.

Марта Стевковска

Back to top button
Close