Гаража во Аеродром продадена за 30 илјади евра, за половина година становите во Охрид поскапеле за 27 проценти

Во општина Центар е постигната највисока цена за продажба на стан во првото полугодие од годинава, од 2.857 евра, при што за 105 квадратни метри се платени 300 илјади евра. Во оваа скопска општина е и најскапо продадената куќа во тој период, за 1.150.000 евра, кои се исплатени за 373 квадратни метри станбена површина и 1357  квадратни метри земјиште.

Според податоците од Регистарот за цени и закупнини за првата половина од годинава, што ги сподели денеска Агенцијата за катастар на недвижности, најскапо продадениот деловен  простор во тој период е во Центар, од 3131  квадратен метар, по цена од 6.800.000 евра.  Најскапиот индустриски објект бил во Илинден и за него исплатени се 190.130.726 денари,  додека најскапо продадената гаража е во Аеродром, за 24  квадратни метри платени се 1.854.000 денари (30,1 илјади евра) односно 77.250 денари за  квадратен метар.

– Највисок скок на цените на продадените станови, споредено со истиот период од претходната година има во Охрид, 27 проценти, Центар, 22 проценти, Тетово, 22 проценти, Битола 20 проценти, а најмал скок има во Струмица 2 проценти, се вели во Извештајот од Регистарот за цени и закупнини.

Најмногу продажби на станови во првото шестмесечје од 2025 година, се наведува, има во Аеродром – 189, Чаир – 182, Центар – 181, Карпош – 179, а највисока вкупна вредност на остварена цена од продажба на станови постигната е во Центар 1.261.042 илјада денари, Аеродром 1.193.353 илјада денари, Карпош 1.064.588 илјада денари. Највисока просечна цена по квадратен метар е постигната во Центар, 101,9 илјада денари по квадратен метар, Карпош 90,9 илјада денари, Аеродром 82,0 илјада денари, Кисела Вода 79 илјада денари, Охрид 77 илјада денари по квадратен метар.

Движењето на цените помеѓу првото шестмесечје од оваа година, наспроти истиот период од претходната година укажува на пораст на бројот на продадени станови во Тетово за 60 проценти, и во Велес за 54 проценти и Охрид за 50 проценти, а најголем пад на бројот на продадени станови  има во Куманово за 16 проценти.

Во Регистарот на цени и закупнини од 1 јануари до 30 јуни годинава се регистрирани вкупно 15779 трансакции, за 8,9 процент повеќе споредбено со првото полугодие од 2024 година, што, според Катастарот, може да се поврзе со подобрени услови за финансирање и зголемена доверба во пазарот на недвижности.

Во првата половина од 2025 година во Регистарот на цени и закупнини се впишани 8910 продажби на недвижности, 1693 продажби од инвеститор, 439 откупи од Република Северна Македонија и 63 продажби на лицитација, однoсно вкупен број од 11105 купопродажби што укажува на благ пораст за 4,9 проценти во однос на првата половина од 2024 година.

Во првото шестмесечје на 2025 година регистрирани се 4.674 закупи на целата територија на Република Северна Македонија што е раст во однос на закупите од првата половина на 2024 година за 780 закупи или 20  проценти.

Пазарот на недвижности во првото полугодие на 2025 година пораснал за речиси за 15,5  проценти споредбено со истиот период во 2024 година, односно вкупната остварена купопродажна цена изнесува 515,9 милиони евра.

Податоците покажуваат најизразени зголемувања на финансискиот обем на пазарот во мај, а најмали во јуни 2025 година. Доминираат две категории на недвижности според бројот на купопродажби: земјоделско земјиште и шуми со 32,8  проценти и станови со 32,5 проценти од вкупниот број на купопродажби.

Најмногу купопродажби во првото шестмесечје од 2025 година се направен во Аеродром – 562, Гази Баба – 555 и Карпош – 527 купопродажби, а најмалку во Бутел, 176 купопродажби. Највисока вкупна вредност на остварена цена од направените купопродажби за овој период постигната е во Центар, 65,8 милиони евра, Карпош, 56,7 милиони евра, Аеродром, 47,9 милиони евра, а најниска во Штип, 10,0 милиони евра.

Споредувајќи со истиот период од предходната година највисок раст на обемот на купопродажби имаат Центар со 32 проценти и Гази Баба и Штип со по 28 проценти, а најголем пад има Аеродором со 29 проценти.

Споредувајќи ја вкупната вредност на остварената цена од направените купопродажби во однос на истиот период од претходната година највисок раст има Кисела Вода со 59  проценти, а најголем пад има Куманово со 26 проценти.

Back to top button
Close