Гаши: ДУИ ќе бидат мирна и тивка опозиција

Очекувам да се формира добра влада и нашата коалиција со Алијансата за Албанците да биде дел од владата, рече лидерот на Алтернатива Африм Гаши. Тој на Канал 5 рече дека би преговарал и со лидерот на СДСМ Зоран Заев, но и со лидерот на ДПМНЕ Христијан Мицкоски, доколку добие мандат, но, како што истакнува, врз основа на програмата. Притоа, тој е категоричен дека не можат да бидат во иста влада со ДУИ.


-ДУИ легално има 15 пратеници, знаеме како ги добија, па им оставаме простор да преговараат и да се договорат Албанец да биде премиер. Ако со тоа ветување добија 15 пратеници, ја почитуваме таа волја иако е искривена. Ако Насер Зибери го добие мандатот и формира влада, нашите 12 пратеници ќе им ги ставиме на располагање. Но, ако ДУИ отстапи од тоа, ќе го загубат легитимитетот, за кој се бореа во 2006 кога Груевски ги зема ДПА во владата. Ако Зибери не стане премиер, значи ДУИ ги излажале Албанците – рече Гаши.

Тој додаде дека има интуиција и индикации дека Заев ќе добие мандат да формира влада, истакнувајќи дека очекува добра влада во која ќе биде и коалицијата ААА, а ДУИ ќе оди во опозиција.

-Тој што ќе го добие мандатот ќе треба да реши со кого и каква влада треба да прави, ние чекаме да видиме дали ќе имаме понуда. Делот со бројките е одговорност на мандатарот, ние не можеме тука да помогнеме, само ги нудиме нашите пратеници за влада во интерес на граѓаните. Не сакаме да бидеме дел од владата со било која партија. ДУИ или ние треба да бидеме власт и опозиција, не може да бидеме дел од иста влада. Ги гледам ДУИ во опозиција, мислам добро ќе се однесуваат, ќе бидат мирни и тивки, ние ќе ги слушаме нивните критики – рече Гаши.

Тој посочи дека доколку мандатот го добие Мицкоски, би преговарале и со него врз основа на програмата, за која, порачува лидерот на Алтернатива, барал гласови и има право да разговара.

Back to top button
Close