Газдата доби 4 години, возачот 14, шефот 6, – затворски казни за несреќата кај „Ласкарци“

Во Кривичниот суд донесена е пресудата за сообраќајната несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица.

Сите обвинети се прогласени за виновни од страна на Кривичниот суд.

Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, доби четири години затвор.

Одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари доби шест години затвор.

Возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, доби казна затвор од 14 години.

Тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски добија затвор од по пет години. Сите добија и забрана за извршување професија.

„Советот е свесен дека ќе има незадоволни од пресудата. Како секој граѓанин и нас не погоди трагедијата. Нашата основна цел е да не се раководиме од чувствата туку од доказите. Судот се води од Законот за кривична постапка и останатите закони“, кажа судијката Дијана Груевска-Илиевска при изрекување на пресудата.

Судијката образложи дека судењата траеле пет години за да се утврдат точните причини за несреќата, а потоа и одговорност.

„Станува збор за една од најголемите сообраќајни несреќи. Во овој трагичен настан, животот го загубија 16 жртви, а 38 лица имаа тешки повреди, а некои и траен инвалидитет. Независно што кај јавноста имаше впечаток дека судскиот процес талка, денес сме тука со повеќе од 100 рочишта, баравме одговори за причините за трагедијата која никогаш да не се повтори. За мене како судија беше предизвик овој предмет, оти се очекува правдата не само да биде праведна, туку видлива“, кажа судијката Дијана Груевска-Илиевска при изрекување на пресудата.

Според Обвинителството, од 2 јули 2018 година до 13 февруари 2019 година, газдата на фирмата превозник и одговорно лице за возниот парк на превозникот, не се придржувале кон прописите за безбедност на автобускиот сообраќај за масовен јавен превоз.

„Иако биле свесни дека може да настапи штетна последица, предизвикале опасност за животот и телото на луѓето кои се превезувале во автобусот на критичниот ден на релација Скопје-Гостивар. Сопственикот на компанијата превозник единствено поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај, како услов за добивање лиценца за вршење превоз на патници. Сепак, иако бил должен како одговорно лице, тој не организирал ниту пак трајно вршел контрола над исполнувањето на пропишаните услови за работа на возачите и на техничката исправност на возилата“, стои во обвинението.

Извор

Back to top button
Close