Генерали на геноцидната војска

Да се величаат и слават воени злосторници и крвници, осудени на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства, како што е Ратко Младиќ, и притоа да се добива плата која ја обезбедуваат луѓе кои можеби се дел од семејствата на жртвите, тоа може да се случи само во оваа земја.  Дури и да нема ниту еден човек крвно поврзан од тие трагични семејства, дури и да остане само еден човек кој живее во државава,  токму тој, само тој ја заработува платата на Далибор Китановиќ и Иван Стоиљковиќ, како поддржувачи на осудени воени злосторници за геноцид во Сребреница.

Некојси, едикојси Далибор Китановиќ, директор на некојаси, сосема непозната Агенција за остварување на правата на заедниците, за која сега дознавме дека постои, откако на Инстаграм профилот објави фотографија во која смртта на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, заедно со неговиот брат по злодела, крвникот Дража Михајловиќ, се величат и оплакуват, нарекувајќи ги “Генерали на небесната војска”.

Во исто време, Демократската партија на Србите, чиј лидер Иван Стоиљковиќ стана министер за локална самоуправа, дава поддршка на измислениов директор само за да зема плата од граѓаните на оваа земја,  на измисленава Агенција само за исцицување плата од луѓето во државава, Далибор Китановиќ,  за неговата објава на величањето на Ратко Младиќ, осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.

По Младиќ тагуваат и пиштат дека е херој, го опишуваат како генерал кој ги спасил Србите, никако поинаку, туку само преку геноцид во Сребреница во јули 1995 година, кога беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци, геноцид на цивилното население за време на опсадата на Сараево, за што е осуден, како и за земање заложници на припадниците  на Обединетите Нации.

Навивачите беа првите што се огласија во Србија – за време на натпреварот во Чешка, навивачите на Црвена Звезда развија транспарент „Генерале, вечна слава и пофалба“ и го скандираа името на Младиќ.

Поради ова, како и поради дополнителната промоција на официјалниот профил на социјалните мрежи, со емотикон за поздрав, Меморијалниот центар Сребреница (МЦС) побара од УЕФА трајно да го дисквалификува клубот од натпреварувањата на УЕФА:”Клуб кој свесно ги користи своите официјални комуникациски канали за ширење пораки што го слават човекот законски осуден за геноцид не може да го припише таквото однесување на однесувањето на навивачите.“

Никаде не прочитав, ниту видов дека Владата и владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се оградија, се извинија и им врачија откази на Китановиќ и Стоиљковиќ, а Обвинителството покренало истрага за величење и славење на воениот злосторник за геноцидот во Сребреница, Ратко Младиќ.

Но, кога дата центрите за кои се води битка на живот или смрт, за да бидат градени во земјава, кога тие ќе нѐ надживеат, тие податоци за игнорирање и непостапување согласно законите, токму кога се величи воениот злосторник за геноцид Ратко Младиќ,  тогаш ќе останат запишани во историјата каква трага оставиле сите овие политичари, функционери, токму што оставиле во наследство на цивилизацијата на човештвото.

Back to top button
Close