Георгиевски има „впечаток“ дека повеќе галама се дигнало за неговиот билборд од епидемијата во Гостивар. Смешниот билборд чинел 48 илјади денари и нема да има одговорност за дизајнерот
„Мислам дека потивко од одредени политички партии се дискутираше за состојбата во Гостивар отколку за билбордот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски
Во интервју за Македонската радио-телевизија (МРТ), градоначалникот на Скопје го минимизира значењето на пропустот со билбордот на источниот влез на Скопје, сметајќи дека е тоа само „техничка“, грешка во графичкиот дизајн. Тој потврди дека изработката на билбордот чинела 48 илјади денари и дека ја извршило Јавното претпријатие „Улици и патишта“.
Правејќи паралела со минатото, првиот човек на Скопје потенцираше дека некогаш за вакви намени се плаќале и по четири милиони денари, па затоа смета дека штетата и од финансиски аспект не е од таков карактер за да се бара нечија одговорност.
„Ете, граѓаните се пошегуваа, дел мемиња видовме, јас честопати си го разубавувам денот со тоа, но не сметам дека е големо прекршување за кое некој треба да сноси одговорност. Еве, ако кон некој треба да се впери прстот, иако јас не сум бил директно во процесот, јас ќе речам јас сум виновен за тоа“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Сакајќи да го релативизира пропустот со билбордот тој посочи на далеку посериозни проблеми со кои се соочуваат другите градови во државата цитирајќи порака од негов долгогодишен пријател во која се велело дека билбордот е грешка, но барем „не отрул 2.500 граѓани“, директно алудирајќи на кризата со неисправна питка вода во Гостивар.
„Мислам дека потивко од одредени политички партии се дискутираше за состојбата во Гостивар отколку за билбордот“, рече тој.
Иако првичната намера на градските власти беше да се пофалат со уредување на влезот во градот, финалниот визуелен производ содржеше серија на драстични технички аномалии, меѓу кои највпечатлив беше култниот коњ Букефал од споменикот „Воин на коњ“, прикажан со дури пет нозе. Покрај ова, на промотивното пано Камениот мост изгледаше издолжен во недоглед, додека прикажаниот верски објект за граѓаните беше целосно непрепознатлив и според критиките повеќе наликуваше на белградскиот храм „Свети Сава“ отколку на некоја скопска црква.
Случајот експресно се префрли на социјалните мрежи каде што граѓаните креираа сатирични „мемиња“ на сметка на градската администрација, а опозициските партии ја обвинија локалната власт за дигитален кич и целосно отсуство на професионални стандарди.

Критичарите посочија дека содржината на билбордот наликува на лошо изведена „халуцинација“ на алгоритам за вештачка интелигенција, која поминала без никаква проверка низ филтрите на Град Скопје пред да замине во печат. По серијата остри реакции во јавноста, спорниот дизајн експресно беше отстрането и заменет со поинакво визуелно решение со реални фотографии од знаменитостите на градот.G






