Герасимовски: Центар доделува субвенции за велосипеди, е-велосипеди и дополнителна опрема, поттикнуваме здрави навики и еколошка мобилност

Општина Центар соопшти дека започнува со доделување субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди и дополнителна опрема, со цел поттикнување на здрави навики и унапредување на еколошката мобилност во градот.

Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека мерката е насочена кон намалување на загадувањето и сообраќајниот метеж, нагласувајќи дека велосипедот претставува практично и здраво решение за секојдневно движење низ градот. Според него, ваквите активности придонесуваат и за подобрување на физичкото и менталното здравје на граѓаните, како и за почиста урбана средина, стои во соопштението.

Со мерката се субвенционира 30% од цената за купување велосипед или е-велосипед, најмногу до 3.000 денари, како и 30% од цената за дополнителна опрема, до 1.000 денари, стои во соопштението.

Право на субвенција има секој полнолетен жител на Општина Центар кој извршил купување почнувајќи од 21 март 2026 година. Јавниот повик започнува на 29 април 2026 година и ќе трае до исцрпување на средствата, најдоцна до 1 декември 2026 година, по принцип „прв дојден, прв услужен“, стои во соопштението.

Барањата со комплетна документација се поднесуваат во архивата на Општина Центар секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот. Општината со оваа мерка продолжува со активности за одржлива мобилност и подобрување на квалитетот на секојдневниот живот на жителите, како што е наведено во соопштението.

Back to top button
Close