Германија најави укинување на заштитниот статус за сириските бегалци
Германија планира на сè поголем број сириски бегалци, и тоа пред сè на млади мажи, да им го одземе заштитниот статус и поинтензивно да ги протерува во Сирија, потврди денеска германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт.

– Во следните денови и многу млади мажи од Сирија, за кои се претпоставува дека можат за својата егзистенција да се грижат и во Сирија, ќе добијат барање за напуштање на Германија – рече германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт од Христијанско-социјална унија ЦСУ на маргините на партиската конференција во баварското место Банц.
Министерот со тоа ги потврди денешните медиумски написи според кои Германија почнува интензивно да го преиспитува заштитниот статус за сириските бегалци.
По помладите мажи кои во Германија пристигнале сами, без семејство, мерките за укинување на заштитниот статус „чекор по чекор“ ќе бидат проширени и врз останатите групи.
Истовремено, покрај присилните депортации, ќе се засилат и повиците за доброволно напуштање на Германија, нагласи Добринт.
– Владата сака јасно да покаже дека нема попуштање кога е во прашање целосната промена на мигрантската политика – рече тој
Министерството за внатрешни работи соопшти дека „од самиот почеток било јасно“ оти заштитниот статус има оправдување само додека постојат причини за заштита.
Ситуацијата во Сирија секој ден се подобрува, а со тоа исчезнуваат и причините за обезбедување заштита на нејзините граѓани во Германија“, се вели во соопштението на министерството.






