Германскиот министер за внатрешни работи поддржува опремување на полицијата со пиштоли за електрошокови

Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт изјави дека полицајците низ целата земја треба да бидат опремени со пиштоли за електрошокови (тејзери), објави германската новинска агенција ДПА.

Тој за медиумската група „Функе“ истакна дека ќе обезбеди законска рамка за опремување на полицијата со овие средства уште оваа година.

Добринт ги нарече тејзерите „соодветно средство“ за справување со зголемените закани кон полицијата на јавни места, особено при напади со ладно оружје, како ножеви.

Тејзерите имаат дострел од 2 до 5 метри, но постои ризик од срцев удар или смрт кај лицата изложени на нивното дејство, забележува ДПА.

Изјавата на Добринт доаѓа по повикот од полицијата во Долна Саксонија за опремување со тејзери, по фаталното пукање во април во Олденбург, каде 21-годишен црнец беше застрелан со четири куршуми. Според истрагата, тој пред инцидентот прскал луѓе со бибер спреј пред ноќен клуб и подоцна нападнал полицајци со спрејот, по што уследила полициската реакција. Случајот предизвика протести против расизмот и полициското насилство во Германија.

Back to top button
Close