Германскиот парламент одобри правила за побрза набавка на оружје

Германскиот парламент денеска усвои закон чија цел е забрзување и поедноставување на набавката на оружје за вооружените сили, јави ДПА.
Амандманот беше изгласан во Бундестагот со гласовите на владејачките партии – конзервативната ЦДУ/ЦСУ и левоцентристичката СПД. Десничарската АфД исто така гласаше за оваа мерка.
Согласно законот, договорите за одбрана ќе се доделуваат многу почесто од претходно без долги тендерски процедури. Реформата значително ќе ги подигне лимитите до кои се дозволени вакви директни доделувања на договори.
Пратеникот од СПД, Махмут Оздемир, изјави дека промените означуваат напуштање на правилата за набавка направени за мирно време, тврдејќи дека тие се неопходни за зајакнување на одбранбените капацитети на Германија во услови на зголемени меѓународни тензии.
Зелените и партијата на Левицата гласаа против предлог-законот.
Германија минатата година ги олесни своите правила за долг за да овозможи поголеми трошоци за Бундесверот.
Дополнително, членките на НАТО си поставија цел годишно да инвестираат пет отсто од бруто домашниот производ во одбраната и безбедноста, најдоцна до 2035 година.






