Германскиот принц на судење за заговор против државата: Групата се обидела да изврши државен удар во Германија

Германскиот принц Хајнрих Тринаесетти од Ројс денеска ќе биде изведен пред судот во Франкфурт, на почетокот на неговото судење под обвинение за екстремно десничарски заговор против Германија.

На 72-годишниот принц и на група од осум други ќе им се суди пред Вишиот окружен суд во Франкфурт. Меѓу нив има и поранешни припадници на германските вооружени сили и поранешен пратеник од партијата Алтернатива за Германија.

Федералните обвинители ги товарат за членови на терористичка организација или за поддршка на таква организација, пренесе агенцијата ДПА.

Тие се обвинети дека припаѓаат на мрежата „Рајхсбиргер“, чии членови веруваат дека модерната германска република нелегитимно го заменила Рајхот основан во 1871 година, кој постоел под нацистичкиот режим до 1945 година.

Тие го отфрлаат легитимитетот на модерната германска сојузна држава и нејзините закони.

Ова е второ од трите големи судења поврзани со наводниот обид за државен удар.

Судењето на наводните членови на воениот огранок на таа група започна во Штутгарт на крајот на минатиот месец. На другите наводни членови на групата ќе им се суди во Минхен од 18 јуни.

Заговорот беше откриен за време на голема антитерористичка рација во декември 2022 година.

Според обвинението, групата почнала да планира и подготвува „Ден Х“ – односно државен удар – од август 2021 година.

Поточно, вооружена група требаше да се инфилтрира во зградата на парламентот во Берлин и да апси германски политичари, а потоа да постави нова привремена влада со Ројс како лидер на државата.

Според обвинителите, заговорниците имале на располагање околу 500.000 евра и голем арсенал оружје. Се одвивале и конкретни подготовки, како што е регрутирање на воен персонал

Back to top button
Close